Линкови за пристапност

Водно - планина на сопнување


Откако под притисок на јавноста, Владата донесе одлука за измена на проектната документација со која трасата на магистралниот гасовод низ Парк шумата Водно, ќе се стесни за 15 метри, еколозите саркастично се заблагодарија и обвинија за изнесување на невистини

Активистите за заштита на животната средина тврдат дека се за гасовод, но сигурно не - низ сртот на планината Водно над Скопје! Спорниот дел на сртот на Водно е околу 11 километри, од предвидените 204 километри магистрален гасовод.

Откако Владата на прес-конференција најави започнување на изградбата на делницата 5 од магистралниот гасовод, како дел од гасификацискиот систем на Република Македонија, еколозите од „Да го спасиме Водно“ излегоа со тврдење дека делницата веќе се гради и тоа уште од минатата година, дека нема да има стеснување од 15 метри, дека ќе се исече шума со површина колку цел булевар, дека не е вистина оти теренот ќе се врати во првобитна состојба и дека трасата нема да смее одново да се пошумува, зашто мора да има пристап на возила, како и за да не се оштети гасоводот од корењата на дрвјата. Еколозите тврдат и дека нема да се намали загадувањето во Скопје со изградба на гасоводот низ Водно, дека Скопје има гасовод но нема дистрибутивна мрежа, дека граѓаните сепак, нема во кус рок да ги почувствуваат придобивките од гасификацијата, дека Скопје стои на патот на гасификацијата на Тетово, Гостивар, Кичево...

Активистите тврдат и дека проектот за гасовод не е еколошки, затоа што уште на неговиот почетокот не биле задоволени еколошки критериуми и дека со последната одлука, Владата само ги легитимирала досегашните недоследности во процедурата. Според еколозите, се работи за политичка одлука, затоа што и Министерството за животна средина и просторно планирање, најпрвин не го прифатило проектот за гасовод по сртот на Водно, а сега го брани.

„Изградбата на гасоводот низ Водно не е за сите нас. Изградбата на добро конципирана алтернативна траса надвор од Водно ќе биде за сите нас!“, тврдат еколозите и саркастично порачуваат дека „ако семејното насилство е форма на љубов, тогаш претставниците на Владата, на Македонските енергетски ресурси (МЕР), на Град Скопје, навистина го сакаат Водно!“.

Според вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, магистралниот гасовод низ Водно има регуларна градежна дозвола, а за негова изградба државата има добиено кредит и потпишано договори со изведувачи,

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, пак, на прес-конференција на која присуствуваа министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули и директорот на Македонски енергетски ресурси (МЕР), Бајрам Реџепи, истакна дека Скопје не смее да го спречува гасифицирањето на другите градови во земјата, но и не смее да се дозволи ниту уништување на „белите дробови“ на македонската престолнина, како и дека се работи за преседан: „Ова е првпат некој да чепка на Водно и истовремено, да обезбеди средства за негова ревитализација“.

Така, властите тврдат дека на Водно ќе се исечат помалку од два хектара шума, или само 0,07% од вкупната дрвна маса, односно 1.400 кубни метри дрво, а дека теренот потоа, ќе се врати во првичната состојба...

Но, реагираше и опозициската ВМРО-ДПМНЕ, според која, „никаде во светот прво не се сече шума, а дури потоа се бара решение“.

„Откако ја исекоа шумата на Водно за поставување на трасата на гасоводот, се решија дека треба да ја спасуваат. СДСМ ветуваше живот и воздух за сите, а сега гледаме како се сечат повеќедецениските дрва. Штетата е направена! Ништо и никој нема да може да ги врати дрвата што ги исекоа. Ако се неспособни и ако не знаат како треба да се работи и да се справат со проблемите, треба да си поднесат оставка“, се вели во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ.

Иако Владата излезе со соопштение во кое се тврди дека „гасоводот e типичен еколошки проект кој ќе има сериозно позитивен ефект за животната средина“, како и дека „постојано се следат реакциите на граѓанските организации и токму поради тоа, преку надлежните институции, се пристапи кон планирање нова траса за гасоводот кој поминува преку Водно, со цел обезбедување реализација на овој еколошки проект, со минимален ефект врз животната средина“, активистите и понатаму реагираат.

Од невладината организација „Еко-свест“ реагираа дека на Парк шумата Водно ѝ се заканува уништување со изградба на гасовод низ подрачја богати со биодоверзитет, и посочија дека испратиле дописи до меѓународни институции и банки за да алармираат за проблемите.

Според „Еко Свест“, се` уште нема одговор и за влијанието на изградбата врз езерото Матка, пештерата Убавица и Буково, кое е исто значително растително подрачје: „Поради сите овие причини, а и важниот факт дека на одбраната траса постојат барем две ерозивни подрачја чија дефорестација би значела зголемување на ризикот од лизгање на земјиштето и загрозување на безбедноста на скопјани, уште еднаш апелираме до властите, гасоводот за овој дел да не поминува низ Водно, меѓутоа, и бараме почитување на законите и подзаконските акти“.

Активистите бараат Министерството за животна средина и просторно планирање повторно да го разгледа барањето за утврдување на потребата за нова оцена на влијанието на гасоводот врз животната средина и во наредниот период да ја извести јавноста за резултатот од анализите, но ги осудуваат, според нив, и обидите - „зеленото прашање“ - дали гасоводот да (не) оди низ Водно, да се претвора во меѓуетнички проблем.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG