Низ планините одекнува нејзиниот глас. Чиниш, од искони е таму и ги чува врвовите и пространствата со стихови излезени од вековната традиција.
Евгенија Здравевска, или во јавноста позната како Зарина Првасевда, стана препознатлива по нејзините мини-настапи низ планинските врвови. Таму, вели, ја нашла сплотеноста на двете суштински работи што со години се дел од неа – музиката и природата.
„Јас имам спортски дух и кога го открив планинарењето како спорт, како некако да си дојдов дома на некој начин... За мене природата е манастир и една од најсилните инспирации и учители“, вели Зарина Првасевда.
Нејзиниот глас во јавноста се појави речиси одненадеж, иако со години растела со музика. Вели дека не сакала да се експонира.
„Многу ми беше битно да дојдам до ситуација во која музиката ќе биде тоа што мене ќе ме одбележува. Не која сум, како изгледам и така натаму. Имав идеја и воопшто да не се појави моето лице. Да оди само музиката чисто“, објаснува Зарина.
Не сум љубител на себе потврдување во светот и заради тоа сакав да се потсокријам зад некаков псевдоним. И така излезе и Зарина Првасевда
Но, откако нејзиното прво видео пред две години се појави и стана популарно на социјалните мрежи веќе било јасно дека нема враќање назад.
„Не сум љубител на себе потврдување во светот и заради тоа сакав да се потсокријам зад некаков псевдоним. И така излезе и Зарина Првасевда“.
Јавноста денес ја препознава по традиционалните песни. Вели дека во тие стихови е вткаена суштината на луѓето како културолошки и како емотивни битија.
„Традиционалната песна има една таква моќ, што допира сечие срце. Затоа со толкава љубов им пристапувам. Навистина е еден многу силен инструмент што како стрела прободува во срцето“.
Извор за овие стихови ѝ се старите луѓе низ селата каде често застанува и се интересира за начинот на кој некогаш се живеело. Уште ја памети и првата песна од детството.
Луѓето ги гледам како луѓе и ми е многу значајно каков ќе биде мојот удел врз нивното постоење и секој ден се трудам да се натпреварувам со себе си за да станам подобар човек
„И се сеќавам на комшиката Костадинка од која што ја научив првата традиционална песна што и до ден денес ми одѕвонува во главава“.
Знае да запее традиционални песни и на албански, турски, арапски, индиски јазик. Не верува во поделби по раси и религии, туку во сплотување преку музиката.
„Луѓето ги гледам како луѓе и ми е многу значајно каков ќе биде мојот удел врз нивното постоење и секој ден се трудам да се натпреварувам со себе си за да станам подобар човек“.
Сепак, тоа што најмногу ја погодува е општата негрижа за животната средина во земјава. Пред себе си има поставено и мисија, да помогне во заштитата на природата преку нејзиниот глас.
„Дали ќе успеам не знам. Но, тоа не ме обесхрабрува. Напротив, ме прави уште посилна. Сè додека не видам промена, јас ќе продолжам да зборувам, да опоменувам додека не стигнеме до разрешување на овие работи“.
Својата мисија Зарина ја продолжува и преку нов албум, што треба да биде објавен наскоро.