Линкови за пристапност

Власта и активистите во клинч: Избегнат еко-инцидент?


Само ден по најавите на Владата за посветеност во борбата против загадувањето, најпрвин срамежливо, а потоа низ сите медиуми, се излеа веста за истекувањето хемикалии во кругот на некогашната фабрика ОХИС во Скопје

Само ден по најавите на Владата за посветеност во борбата против загадувањето, најпрвин срамежливо, а потоа низ сите медиуми, се излеа веста за истекувањето хемикалии во кругот на некогашната фабрика ОХИС во Скопје.

Ако Обвинителството утврди дека постои сомневање за сторено кривично дело со кое е предизвикано опасност за граѓаните и за животната средина, собраните мостри од токсичната материја која во петокот се излеала во некогашната Органско хемиска индустрија (ОХИС) во Скопје, ќе се анализираат во странство, затоа што МВР нема соодветна лабораторија.

Анализата ќе го докаже и составот и количеството на излеаната хемикалија, за која на социјалните мрежи, најпрвин се тврдеше дека е метил акрилат мономер.

Според медиумите пак, одлуката на Обвинителството ќе зависи од резултатите на Биохемиската лабораторија во Штип, за концентрацијата на отровна материја во воздухот.

По дојава на жители од околните населби и по доаѓањето на пожарникарите, инспектори на скопската oпштина Кисела Вода, Град Скопје и на Државниот инспекторат за животна средина, како и екипа на Министерството за внатрешни работи извршиле увид во поранешната фабрика, каде официјално, се излеале неколку тони вода со која била чистена цистерна во која претходно бил складиран метил акрилат мономер.

Според надлежните, излеаната течност во ОХИС е целосно собрана, а просторот во кој била складирана хемикалијата е покриен со пилевина за да се соберат евентуалните остатоци. Министерството за животна средина и просторно планирање, соопшти дека состојбата во фабриката е под контрола и дека нема место за паника во јавноста, како и дека до инцидентот дошло при препакување на отпад од некогашното производство на ОХИС, од околу 60-70 тони, што фирма со дозвола, го пакувала во буриња и го извезувала во Швајцарија.

И министерот за животна средина Насер Нуредини, тврди дека ситуацијата е под контрола.

„Сите институции се вклучени според нивните компетенции да го решат случајот. Потенцирам дека нема место за паника... Инспекторите биле на терен и извршиле инспекција на самата инсталација“

Но, инцидентот викендов предизвика жестоки реакции во јавноста. Граѓанската иницијатива „О2“ постави прашање за Државниот инспекторат за животна средина - зошто фирмата „Еко центар 97“ која го врши препакувањето, согласно протоколот по кој требало да постапува во случај на хаварија, не пријавила, туку се реагирало дури по жалби на граѓаните за неподнослива миризба.

„Граѓаните не треба да се тие кои треба да пријават хаварија која инволвира опасен отпад, токсични хемикалии, зошто ги гледаат, чувствуваат последиците од неа. Одговорните во фирмите, фабриките, погоните се тие кои треба веднаш да пријават до сите надлежни“, пишува Иницијативата О2, која бара највисоки казни за фирмата: за самиот инцидент и за непријавување и непостапување според протокол, како и кривична пријава.

Паниката сепак, бргу се прошири во јавноста, а шпекулациите многу беа побрзи од официјалните извори. Портали јавуваа за доцнење со алармирањето за хаваријата, за армиски возила и за припадници на специјализираните единици на хемиско-биолошка одбрана кои и асистирале на полицијата, за токсичноста на метил акрилатот и оштетувањата на кожата, очите и на респираторниот систем, кои може да ги предизвика кај лицата кои се изложени на неговото дејство, па сè до веста дека лабораторијата која врши надзор на фирмата „Еко центар 97“ којашто го отстранува, пакува и транспортира опасниот отпад, не се пријавила на оглас, туку добила судска наредба да врши надзор на документацијата и следење на активностите околу хемискиот отпад.

Медиумите викендов бомбардираа со вести и - дека ОХИС е „темпирана бомба“ во која 20 години ништо не е оддржувано, дека на тој простор се складирани 11 вида хемикалии, во корозирани буриња што секој момент можат да истечат, дека надлежното Министерство тврдело дека се спакувани и безбедно се складирани околу 65 тони хемиски отпад, а дека треба да се спакуваат, складираат и извезат уште околу 24 тони.

А само во двата дена пред еко-инцидентот, активистите „традиционално“ критикуваа, додека власта се бранеше дека одговорноста за енормното загадување во земјата мора да се сподели и најавуваше нови чекори.

„Во Република Северна Македонија нема ниту една легална депонија. За жал, кога ќе излезете од кој било град, од кое било населено место, гледате дива депонија. Тоа прво е неодговорност на институциите кои мора тоа да го контролираат, градоначалниците се најмногу надлежни, но тука се и инспекциите, пред сè, комуналните инспекции. Но, ние граѓаните на крајот на денот, треба да го депонираме ѓубрето во кантите за смет, а тие што го креваат ѓубрето, да може да го однесат на определените депонии за смет“, одговарајќи на новинарско прашање, рече премиерот Зоран Заев, за една од причините за енормното аерозагадување во Македонија.

По жестоките реакции во јавноста по повод загадувањето, веќе подолг период, борбата против него е во фокусот, и ѝ беа посветени неколку настани во различни сфери на општественото живеење.

Во Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), пред претставници на мали и средни компаниии, но и средношколци, беа презентирани девет проекти за намалување на загадувањето на воздухот, поддржани преку три различни програми на Фондот за заштита на животната средина.

„Не велам дека овие проекти денес ќе го решат проблемот со загадувањето во нашата земја или на глобално ниво, но тие секако даваат придонес. Најлесно е сите да покажеме со прст кон Министерството за животна средина и да чекаме тие да го решат проблемот. Но, сметам дека сите институции, организации, па и поединци треба и мора да дадеме придонес, секој во својата област и микросредина овој глобален проблем да се надмине“, изјави директорот на ФИТР, Јован Деспотовски,

При презентацијата на Третиот преглед на состојбите со животната средина, со препораките на економската комисија на Обединетите нации (УНЕЦЕ), и министерот за животна средина и просторно планирање Нуредини, повика на заеднички напори за намалување на загадувањето, но, невладиот сектор, не го дели оптимизмот на функционерите од власта.

Активисти од Здружението за заштита на животните и животната средина Е.Д.Е.Н., во сопштението под наслов „Македонија и нејзината безживотна средина“, тврдат дека токму во Третиот извештај за напредокот на Македонија во областа - животна средина, објавен од UNECE, напредокот е „оценет како недоволен, нема усвоено доволно ефективни закони, тие кои се усвоени - не се спроведуваат и нема механизми за санкционирање на прекршувањата. Земјата нема национална стратегија за постигнување на Целите за одржлив развој. Јавноста е речиси целосно исклучена од процесите на носење одлуки“.

Активистите набројуваат десет области во кои е неопходно подобрување: цели за одржлив развој, правна и институционална рамка, регулаторни механизми и механизми за обезбедување усогласеност, „зазеленување на економијата“, мониторинг на биодиверзитетот, демократија во област животна средина и образование за одржлив развој, заштита на воздухот, управување со водите и управување со отпад и хемикалии и биодиверзитет и заштитени подрачја.

Заштитниците на животната средина од Е.Д.Е.Н заклучуваат и дека се „неопходни вистински луѓе на позиции, искрени и посветени активисти. Демагозите и опортунистите на функции, чија што цел не е општото добро туку личната материјална корист, нѐ донесоа до ова дереџе. Не може да го решат проблемот, истите оние што го создале. Доста ни е злоупотреби, за нашите животи се работи!“.

Во јавноста подолг период се „вртат“ податоците дека загадувањето е причина за бројни заболувања и за над 2.500 смртни случаи годишно во Македонија, и дека според официјални податоци на европски институции, жителите на Скопје, дишеле загаден воздух - 162 дена во годината. Но, на дебатата „Овој дом верува дека државата (не) презема соодветни мерки за справување со загадувањето”, заменик-министерот за животна средина, Јани Макрадули, потенцирајќи дека Владата направила конкретни чекори за намалување на загадувањето, ги утеши присутните со тврдењето дека и „90% од граѓаните на земјите членки на ЕУ, граѓаните загаден воздух“.

А министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во изјава за медиумите, најави уште поголеми заложби во борбата против загадувањето. Според него, било договорено „сите инспекторати да си ја завршат работата во рамките на своите надлежности и да ги исконтролират сите субјекти кои се потенцијални загадувачи, да ги координираат своите активности, да формираат заеднички тимови во кои задолжително ќе има униформиран полицаец, секојдневно и континуирано во сите општини во државата, а целиот процес ќе се координира од канцеларијата на премиерот, каде ќе се поднесуваат секојдневни извештаи“...

Во меѓувреме, Македонското здружение на млади правници (МЗМП) ја извести јавноста дека во јули 2019 година, поради континуираното аерозагадување, поднело тужба пред Граѓанскиот суд во Скопје, против Владата на Република Северна Македонија, Министерството за животна средина и Град Скопје „за утврдување на повреда на правото на здрава животна средина, правото на здравје, право на приватност на личен и семеен живот и неповредливоста на домот и преземање на мерки“. Тужителите сметаат дека тужените во периодот од 2007 до 2018 година, не преземале неопходни мерки и активности, согласно законските должности, за справување со аерозагадувањето и редуцирање на PM10 честичките во амбиентниот воздух, а бараат и да се утврди дека од 2013 до 2018 не се преземени неопходни мерки - за да не се надминат и граничните вредности на PM2.5 честичките.

Но, приказната за загрозената животна средина продолжува ширум Македонија, со несмален интензитет. Викендов, во Кочани, еден од најзагадените градови на истокот, граѓани со блокади протестираа поради честите пожари на депонијата кои ги задушуваат, а граѓанските здруженија бара итно решавање на проблемот со трите најголеми загадувачи: депонијата, палењето на стрништата, но и фабриката за хартија. Паралелно, во Куманово повторно се отвори прашањето за болницата која се загрева на мазут и е еден од најголемите загадувачи во градот, а за која граѓаните бараат инсталирање на филтри до конечното приклучување на системот за гасификација, а, во Тетово, во неделата навечер, повторно имаше екстремно висока концентрација на ПМ10 честички во воздухот - 801 микрограм на метар кубен, односно 16 пати повисоко од дозволените 50 микрограми, и два ипол пати повисока концентрација на ПМ 2,5 честичките. Иако во период од пет месеци воопшто немало мерења, во останатиот период годинава - во 75 денови, во Тетово се забележани високи концентрации на штетни материи во воздухот.

XS
SM
MD
LG