Линкови за пристапност

Денови на тага, утеха и исчекувања во Студеничани: Роднините на загинатите бараат одговори за автобуската несреќа


Да се расчисти и да ни дадат одговор. Како се случило, што се случило, дали имало нешто, дали немало. Тоа ќе го бараме после погребот на загинатите. Душата, совеста, не ни дава тоа да остане така, велат од фамилијата од Студеничани која изгуби 15 члена во автобуската несреќа

Колкумина? Тоа беше најтешкото прашање што морав да им го поставам на роднините, чии браќа, сестри, внуци, братучеди трагично загинаа во автобуската несреќа во Бугарија. Во една од фамилиите одговорот беше: Изгубивме 15 луѓе, ги снема одеднаш.

Роднините бараат одговори за автобуската несреќа
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:05 0:00

„Две сестри, двајца внуци, една внука, дедо ми, баба ми, братот на зетот, жена му, нивните четири деца и уште двајца нивни внуци“, вели Седат Харедин, брат на двете жени што со своите деца веќе не се вратија дома.

Доаѓаат гости, нè посетуваат, секој по збор-два, па некако ќе се смириме. Но, како и да е, многу е тешко. Да изгубиш најблиски членови од фамилија, од семејство, сестри, внуци, дедо.. тоа е многу тешко
Седат Харедин, близок роднина на загинатите


Во општината Студеничани, од каде тие потекнуваат, деновите веќе не се исти. Роднините, пријателите, соседите доаѓаат да изразат сочувство. Болката, колку што е можно, така поминува полесно.

„Тешко е, но издржуваме некако. Доаѓаат гости, нè посетуваат, секој по збор-два, па некако ќе се смириме. Но, како и да е, многу е тешко. Да изгубиш најблиски членови од фамилија, од семејство, сестри, внуци, дедо.. тоа е многу тешко“, додава Харедин.

Малку погоре по патот се домовите на фамилијата Исени. Од кај нив загинаа четворица. Еден брачен пар, како и мајка со нејзиното 14-годишно девојче.

Во името на фамилијата зборуваше нивниот близок роднина и братучед, Фати Исени.

„Никој не очекувал ваков трагичен настан. Ова е најлошата вест што ја добивме во фамилијата. Да даде Бог никој, не само ние, да не добие таква лоша вест и да не се соочи со ваков трагичен настан“, вели Исени.

Деновите ги поминуваат во исчекување. Велат дека втор најтежок ден после кобното утро кога дознаа за несреќата, ќе им биде денот кога ќе треба да се простат од најблиските.

„Тоа ќе биде вториот најтежок ден. Ќе го организираме потребниот верски ритуал и конечно да се поздравиме за последен пат со членовите на нашата фамилија“, додава Исени.

Не е заради нас. Туку, како превентива за другите, да не се повтори. Само ние ја знаеме тагата што ни тежи на срце и сме под целосна блокада
Фати Исени, близок роднина на загинатите


Семејствата, низ измешани чувства на тага и лутина, чекаат одговори и главното прашање им е: Зошто? Зошто се случи таа несреќа?

„Да се расчисти и да ни дадат одговор. Како се случило, што се случило, дали имало нешто, дали немало. Тоа ќе го бараме после погребот на загинатите. Душата, совеста, не ни дава тоа да остане така“, категоричен е Харедин.

Укажуваат дека истрагата треба да се истера до крај, да се открие каде е вината, и да се поправат грешките, за никогаш повторно да не се случи таква трагедија.


„Не е заради нас. Туку, како превентива за другите, да не се повтори. Само ние ја знаеме тагата што ни тежи на срце и сме под целосна блокада“, вели Исени.

Членовите на семејствата немаа точни информации кога би ги добиле посмртните останки на нивните блиски. Веруваат дека тоа би се случило во наредните неколку дена. Сепак, нивните домови и натаму стојат отворени - за тие што доаѓаат да им изразат сочувство, но и за оние што треба да им одговорат – како и зошто се случи таа трагедија?

XS
SM
MD
LG