Линкови за пристапност

Тензично во Венецуела, опасност за ситуацијата да се претвори во катастрофа


Генералниот секретар на Обединетите нации порача политичките ривали да почнат дијалог, зашто во спротивно може да дојде до конфликт што ќе биде катастрофален за земјата и за регионот

Кризата во Венецуела ескалира откако претседателот Николас Мадуро објави дека ги прекинува дипломатските односи со САД, а како одговор на објавата од претседателот Доналд Трамп дека го признава Хуан Гуаидо како нов привремен лидер на оваа јужноамериканска земја.

Гуаидо, претседателот на Националното собрание на Венецуела, се самопрогласи за шеф на државата на вчерашните масовни демонстрации.

Мадуро нареди персоналот на американската амбасада да ја напушти земјата во рок од 72 часа. Сепак, државниот секретар Мајк Помпео истакна дека Мадуро веќе нема авторитет да издава такви наредби.

Трамп отворено го предупреди Мадуро дека „сите опции се на маса“, доколку нема мирна транзиција кон демократија во Венецуела.

Сепак, официјални претставници од Белата куќа објаснија дека Трамп нема да издаде никаква наредба за поморска блокада или за друга воена интервенција, доколку Мадуро примени насилство врз демонстрантите или ако преземе какви било акции против Гуаидо.

Најверојатен потег од страна на Вашингтон би биле засилени санкции против членовите на владата на Мадуро.

Доколку ситуацијата продолжи да се влошува, големи се изгледите администрацијата на Трамп да воведе санкции и врз нафтениот сектор на Венецуела.

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш предупреди дека ситуацијата во Венецуела може да прерасне во катастрофа, доколку главните политички ривали не постигнат договор.

Обраќајќи се на Светскиот економски форум во Давос, Гутереш истакна дека „има место за дијалог и на тој начин ќе се избегне ескалација на настаните што можат лесно да одведат во конфликт што би бил катастрофален“ за луѓето на Венецуела и во регионот.

Во меѓувреме, Вашингтон врши притисок врз Мадуро да се откаже од претседателската позиција, а во контекст на глобалните критики дека последните избори во Венецуела биле нелегитимни.

Веќе неколку земји им се придружија на САД во признавањето на Гуаидо како нов времен претседател, меѓу кои и Канада и Велика Британија, како и земјите од Латинска Америка, Аргентина, Бразил, Чиле, Колумбија, Костарика, Гватемала и Перу.

Сепак, Русија, еден од најголемите сојузници на Венецуела, стави јасно до знаење дека не се согласува со САД и со другите западни нации околу поддршката на Гуадио. Москва ги обвини западните земји за мешање во внатрешните работи на Венецуела, и го предупреди Вашингтон дека евентуална воена интервенција во земјата може да предизвика „катастрофални“ последици.

На предупредувањата се приклучи и Кина, од каде дојдоа пораки до САД да се држат настрана од кризата.

Во меѓувреме, Гуаидо ја повика армијата да му откаже послушност на Мадуро и вети амнестија за тие што ќе помогнат за воспоставување на демократијата во земјата.

XS
SM
MD
LG