Линкови за пристапност

Сведоштво на Израелка од Тел Авив: Се чувствувам засрамена, омразата е голема меѓу двете страни


Дворит Шаргал е авторка на независни документарни филмови. Со години живее во Тел Авив и за Гласот на Америка раскажа како изгледа деновиве да се биде жител на овој град

Деведесет секунди. Толку е времето што жителите на Тел Авив го имаат на располагање да најдат засолниште откако ќе се огласи алармот за ракетен напад.

Сведоштво на Израелка од Тел Авив: Се чувствувам засрамена, омразата е голема меѓу двете страни
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:52 0:00


„Немам доволно време да стигнам до јавното засолниште. Далеку ми е, а имам само 90 секунди пред проектилот да експлодира“, вели Дворит Шаргал, жителка на Тел Авив.

Шаргал е израелска авторка на независни документарни филмови. Со години живее во Тел Авив и за Гласот на Америка раскажа како изгледа деновиве да се биде жител на овој град.

Апартманите во новите згради имаат и безбедносни соби. Но, јас живеам во постара градба, без таква соба и без засолниште. Се сокривам под скалите.


„Првата вечер имаше жесток напад. Бевме во куќа и се засолнивме под скалите. Четири жени се сокривме на простор од еден метар квадратен. Беше застрашувачки“, опишува Шаргал.

Вели дека повеќето нови станови имаат посебни соби со дебели ѕидови што служат за заштита од ракетен напад.

„Има неколку вида засолништа. Апартманите во новите згради имаат и безбедносни соби. Но, јас живеам во постара градба, без таква соба и без засолниште. Се сокривам под скалите“, раскажа Шаргал.


Како што ни објасни, во Тел Авив училиштата се затворени, а многумина работат од дома. Во парковите преку ден има луѓе, но и таму се преземени мерки за безбедност.

„Околу парковите постојат јавни засолништа и доколку морате да се сокриете има каде да одите.“

Шаргал вели дека живеењето во Тел Авив под закана од напади им е секојдневие. Додава дека многу позагрижени биле од коронавирусот, отколку од ракетите.

„Сегашнава ситуација ми е веќе позната. Како жител овде, вообичаено знам како функционира. Со пандемијата бевме многу позагрижени, зашто претходно никогаш не сме ја имале. Но, за ваква ситуација, кога живееш во Израел, веќе си навикнат“, вели нашата соговорничка.


Сепак, документаристката нагласува дека тој начин на живеење не е решение. Посакува мирна коегзистенција со Палестинците.

„Чудно е што во 21-от век луѓето сè уште фрлаат ракети едни на други. Кусо ни е времето на планетава и зошто да имаме војни? Знам дека звучи многу романтичарски, но тажно е што мора вака да се живее со години“, истакнува Шаргал.

Таа лично сака мирно живеење едни покрај други. Но, посочува дека постои голема омраза кај двете страни.

„Кај дел од Израелците постои голема омраза кон Палестинците. Тие не сакаат заеднички живот. Веруваат дека овој простор му припаѓа само на еврејскиот народ и не сакаат да ги признаат другите. Тоа е тажно“, вели жителката на Тел Авив и додава: „Истото е и на другата страна. Арапите им го прават истото на Евреите“.

Се чувствувам засрамена. Тие се мој народ, Израелци што така се однесуваат. Тоа не е мојот начин на живеење и не чувствувам никаква поврзаност со нив. Чувствувам како да сме две поделени нации во една земја. Како едни и други Израелци


Се шокирала што во Израел имало и напади врз новинари и лица што се против ширењето омраза кон другите.

„Се чувствувам засрамена. Тие се мој народ, Израелци што така се однесуваат. Тоа не е мојот начин на живеење и не чувствувам никаква поврзаност со нив. Чувствувам како да сме две поделени нации во една земја. Како едни и други Израелци“, истакнува Шаргал.

Не верува ниту дека младите ќе донесат промена: „Не гледам дека мирот ќе дојде од младите генерации“.

Скептицизмот на нашата соговорничка се покажува и на терен. Насилствата што почнаа деновиве во и околу појасот Газа продолжуваат. Проектилите и натаму убиваат и на палестинска и на израелска страна. Напорите за дипломатско решение, засега се без одговор.

XS
SM
MD
LG