Линкови за пристапност

Социјализмот се враќа во САД преку демократските претседателски кандидати


Во кампањите на кандидатите од редовите на демократите за претседателските избори во 2020 година се нагласени економски, даночни и општествени платформи што се блиски до каузата на социјализмот

Во долг период од американската историја, социјализмот се сметаше за валкан збор, но повеќе во политичка смисла, отколку како опис за нечија идеологија.

Социјализмот беше погрешно изедначуван со државно преземање на стопанството, со комунизам, па дури и со тоталитарно владеење.

Но, независно од таквите мислења, социјалистичките идеи повторно добиваат популарност во САД. Според новите анкети, во кампањите на демократските кандидати за претседателските избори во 2020 година, се нагласени економски, даночни и општествени платформи што се блиски до каузата на социјализмот.

Според Ричард Волф, професор по економија и автор на книгата „Разбирање на марксизмот“, околу 44 милиони Американци денес враќаат долгови од студентски кредити. Ова прашање е дел и од кампањите на демократите.

За време на претседателската кампања во 2016 година, сенаторот Берни Сандерс од Вермонт, кој себе си се идентификува како демократ социјалист, успеа да мобилизира цела генерација гласачи што бараат прогресивна политика, што би опфатила и бесплатни студии и здравствена заштита за сите.

Иако демократите тогаш ја номинираа Хилари Клинтон како претседателски кандидат, популарноста на неговите ставови ја присилија партијата да ги преиспита сопствените дотогашни „мејнстрим“ политики.

Сандерс најави кандидатура и за изборите во 2020 година. Но новина сега е што и другите кандидати што се борат за номинација од демократите настапуваат со левичарски предлози како проширена здравствена заштита, нова даночна политика, како и борба против климатските промени.

Петмина од шест сенатори демократи, кои ја најавија својата кандидатура, Кори Букер, Кристен Гилибранд, Камала Харис, Елизабет Ворен, како и Сандерс најавија дека ќе се залагаат за „Здравствена заштита за сите“. Ова порано беше незамисливо ниту за демократите, поради големите трошоци за реализација.

Од демократските кандидати единствено Ејми Клобучар од Минесота не се согласи на поддршка за тој концепт.

Во исто време, претседателот Доналд Трамп и републиканците јасно застануваат против социјализмот.

„Америка никогаш нема да биде социјалистичка нација“, нагласи Трамп на почетокот од февруари, за време на говорот во Конгресот на САД.

Но, и покрај десничарското противење, социјалистичкиот концепт добива сè повеќе поддршка. Според истражувањето на Галуп, во 2018 година 57 проценти од демократите имале позитивен став кон социјализмот.

Од изборите во 2016 година до денес, групата Демократски социјалисти на Америка, порасна на 60.000 членови. За споредба, во 2015 година, пред кандидатурата на Сандерс, оваа група броеше само 5.000 членови.

Сепак, американските граѓани сè уште немаат јасна слика што би значел социјализмот за политиката на САД. Додека републиканците ја споредуваат таа платформа со сталинистичка Русија, социјализмот што го предлагаат демократите не се однесува на кратење на политичките слободи.

Ставовите на демократите повеќе се насочени кон зголемување на даноците за богатите, а со цел да се поддржи политиката на универзална здравствена заштита, бесплатно образование, како и зголемување на минималната плата.

XS
SM
MD
LG