Американски сенатори побараа надлежните служби да поведат безбедносна истрага за кинеската апликација Тик-Ток, чија популарност е исклучително голема во САД.
Лидерот на демократите, сенаторот Чак Шумер и републиканскиот сенатор Том Котон испратија писмо до директорот на националното разузнавање на САД, Џозеф Мегваер со кое укажуваат на можните безбедносни опасности од апликација.
Апликацијата Тик-Ток им овозможува на корисниците да објавуваат и да споделуваат куси креативни и комични видеа.
Серверите на Тик-Ток се во САД, како и во други земји во кои апликацијата е достапна. Сопственик е компанијата „Бајт Денс“, чие седиште е во Пекинг.
Портпаролката на компанијата во изјава за „Ројтерс“ рекла дека кинеските власти немаат ингеренции врз апликацијата, бидејќи таа не е достапна во Кина.