Линкови за пристапност

На улица, наместо во училиште: Бројни ромски деца надвор од образовниот процес


Истражување на организацијата „Ромалитико“ покажало дека пред неполни две години во скопската населба Шуто оризари имало повеќе од 300 деца што не одат на училиште

Надвор од образовниот систем се неколку стотини ромски деца во Северна Македонија. Организации за заштита на правата на Ромите апелираат дека тоа ќе се одрази негативно врз општествениот развој, а голем дел од тие деца може да завршат на улица и во деликвенција. Државните институции имаат програми за нивна инклузија, но проблемот и натаму опстојува.

На улица, наместо во училиште: Стотици ромски деца надвор од образовниот процес
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:55 0:00


Наместо на настава во училиште, седнато на Камени мост со подадена рака за помош од минувачите. Тоа е само едно од неколкуте стотини деца во Северна Македонија кои наместо во училишните клупи, детството го поминуваат на улица, барајќи егзистенција.

„Овие деца колку подолго се надвор од образовниот систем, толку потешко ќе можеме да ги вратиме назад“, вели Дениз Селмани, програмски менаџер за локална демократија во „Ромалитико“.

Овие деца колку подолго се надвор од образовниот систем, толку потешко ќе можеме да ги вратиме назад
Дениз Селмани, програмски менаџер за локална демократија во „Ромалитико“


Проблемот најмногу е изразен во заедниците каде живее ромско население. Истражување на организацијата „Ромалитико“ покажало дека пред неполни две години во скопската населба Шуто оризари имало повеќе од 300 деца што не одат на училиште.

„Финансиски семејствата не се доволно стабилни за да можат децата да продолжат во образовниот процес“, додава Селмани.


Проблемот ескалирал откако бројни ромски семејства заминале, па се вратиле од западноевропските земји. Нивните деца во меѓувреме пораснале и не сите од нив посетувале настава додека биле во странство.

„Имаат проблем со јазикот. Или, пак, имаше случаи каде што неговата возраст веќе не одговара за второ или трето одделение. Тој треба да се вклучи во петто или шесто одделение и тука настанува тој проблем“, вели аналитичарот Селмани.


Дополнителна причина за отсуството од наставата е и демотивацијата што кај ромската популација се појавила поради немањето можност за работа после завршеното образование.

„Имаме голем број дипломирани Роми коишто заминале во западноевропските држави да работат во Мекдоналдс, во Бургер Кинг или во други сектори во потрага за подобра иднина, затоа што не можеле тука да најдат работа“, вели Алберт Мемети, програмски менаџер за економија во „Ромалитико“.

Познавам доста луѓе коишто не си ги пуштаат децата на училиште. Тоа е жално и страшно и што уште не. Монструозно од нивна страна
Емра Куртишова, Актерка


Сепак, проблемот има и друга страна. Постојат и семејства што самите не ги пуштаат своите деца во училиште, иако тоа е противзаконски.

„Образованието е задолжително. И познавам доста луѓе коишто не си ги пуштаат децата на училиште. Тоа е жално и страшно и што уште не. Монструозно од нивна страна“, укажува актерката Емра Куртишова.

За да се надминат сите овие случаи, од Министерството за образование и наука велат дека е воведен систем на валидација. Тоа им овозможува на лицата што не оделе редовно во училиште да се стекнат со образование и да се вклучат на пазарот на трудот.

Воведен е и систем на медијација за родителите на учениците Роми од социјално загрозените семејства.


„Образовните медијатори преземаат активности за подобрување на информираноста за можностите и пристапот до училиштата, спроведуваат редовни средби за сензибилизација на населението и вработените во основните училишта“, ни изјавија од Министерството за образование.

Во процесот е вклучено и Министерството за труд и социјала со проект за инклузија на ромските деца и во предучилишното образование. Во детските градинки годинава биле запишани околу 350 деца Роми од кои 90 се ослободени од партиципација.

Сепак, покрај сите овие програми и апели, бројни ромски деца и натаму се на улиците.

XS
SM
MD
LG