Линкови за пристапност

Новинари на Гласот на Америка под истрага за објавување пристрасно видео со Бајден


Агенцијата за глобални медиуми на САД истражува дали со видеото се прекршени федералните закони, кои забрануваат политичко ангажирање на владини работници

Агенцијата за глобални медиуми на САД истражува дали видео што го објавила Гласот на Америка на урду јазик, ги прекршува уредничките стандарди на оваа владина агенција, како и дали има прекршување на федералните закони, кои забрануваат политичко ангажирање на владини работници.

Видеото, кое содржи лого на Гласот на Америка и е преведено на урду, го покажува демократскиот претседателски кандидат Џо Бајден како зборува на настан на 20-ти јули, организиран од нонпрофитната организација Емгејџ екшн (Emgage Action), и од рекламната кампања на истата политичка група.

Видеото било објавено на веб-страницата на Урду редакцијата на Гласот на Америка, и на нејзините социјални платформи на почетокот на овој месец, по што било отстрането од искусни новинари на Гласот на Америка, кои биле загрижени за неговата содржина.

Во видеото се гледа како Бајден им кажува на муслиманите во Америка дека неговата администрација би ги адресирала нивните грижи, и оти ќе ја одбие политиката на администрацијата на Трамп за забрана на влез во САД на граѓани од седум држави, со доминантно муслиманско население.

Агенцијата за глобални медиуми на САД, под чија контрола се наоѓа Гласот на Америка, изјави дека истрагата ќе биде фокусирана на тоа кој бил одговорен за објавување на видеото, и дали со него биле прекршени федералните закони, меѓу кои Актот Хеч од 1939 година, кој се однесува на лимитирање на политички активности на федерални вработени, со цел да се осигура непристрасност.

„Вработени во Агенцијата за глобални медиуми на САД, кои се обидуваат да влијаат на американските избори ќе бидат повикани на одговорност“, изјави извршниот директор Мајкл Пек.

Новинарите на Гласот на Америка се обврзани да ги почитуваат строгите новинарски стандарди за баланс и објективност. Федералните вработени и некои од лицата кои работат со договор, исто така, се опфатени со забараната за учество во политички активности додека се на работа.

Секој што ќе ја прекрши оваа законска регулатива може да ја загуби работата, да биде прераспределен на друга позиција, или да плати казна од 1.000 долари.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG