Линкови за пристапност

700.000 тони отпад годишно се собира во Северна Македонија


Големиот број диви депонии низ државата ги одвраќаат и странските туристи кои ја посетуваат или транзитираат низ земјава

Огромни количини на отпад секоја година се собираат во Северна Македонија. Според податоците на македонската Асоцијација за управување со цврст отпад таа бројка достигнува до 700000 тони годишно. Но и понатаму проблем претставува начинот на кој истиот се депонира и селектира.

Во државата засега постои само една легална депонија, а тоа е Дрисла кај Скопје. Во останатите места ѓубрето се носи во диви депонии кои воопшто не одговараат на меѓународните пракси и стандарди.

700.000 тони отпад годишно во Северна Македонија - голем дел завршува на диви депонии
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:41 0:00


„Зборуваме за различни типови на отпад. Имаме отпад кој е комунален и според податоци тоа се 700.000 тони кои ги имаме во Македонија. Но, имаме и отпад кој е од специфичните видови како што е електронска и електрична опрема, батерии, пластика за кои има колективни оператори. Некаде околу 200 тони имаме електронски и електричен отпад“, вели Даниела Нелепа, претседателка на Македонската асоцијација за управување со цврст отпад.

Од оваа организација додаваат дека постои соодветна законска регулатива која ја третира целата проблематика, но оти тешко оди нејзината имплементација.

Имаме добра легислатива, имаме добри законски одредби, но имплементацијата на терен сè уште е на многу ниско ниво. Штом е стандардот на едно општество таков, таков ни е и отпадот
Даниела Нелепа, претседателка на Асоцијацијата за цврст отпад


Нелепа вели дека земјава е на самиот почеток во однос на решавање на ова прашање.

„Ова е многу голема проблематика и верувајте ние сме на почеток. Имаме добра легислатива, имаме добри законски одредби, но имплементацијата на терен сè уште е на многу ниско ниво. Штом е стандардот на едно општество таков, таков ни е и отпадот. Во однос на стандардот во Македонија, тука сме некаде во однос на нормалните светски статистички податоци за количините што ние ги создаваме“, вели Нeлепа.

Недозволиво е, велат познавачите на приликите, да има толку многу диви депонии на толку мал простор, што е дополнителен проблем за земја како што е Северна Македонија.

Кога се во прашање регионалните депонии, најблиску до реализација за сега е онаа во североисточниот дел на државата, иако секој плански регион треба да добие таква депонија, каде ќе се носи отпадот од сите општини во тој регион.

Во делот на светските искуства, Антонис Мавропулос претседателот на Светската организација за управување со цврст отпад, вели дека земјава е на добар пат да се справи со овој проблем, но оти се потребни одредени реформи.


„Можам да кажам дека сте на добар пат да се справите и да ги примените европските стандарди. Тоа е добра работа, но тој пат е навистина долг. Во Грција справувањето со овој проблем траше 30 години. Има многу напори, но се потребни финансии и европска поддршка што треба да ја добиете. Потребни се и сериозни реформи од административен, законски и финансиски аспект на општинско ниво“, вели Мавропулос.

Граѓанските активисти што се борат за заштита на животната средина велат дека се потребни сериозни мерки и активности за да се намалат количествата на отпад во земјава. Тие со свои предлози како да се надмине актуелната ситуација.

„Државата се соочува со голем проблем во поглед на менаџирање со отпад. Потребно е воведување на систем за примарна и секундарна селекција на отпад, а со тоа и рециклирање и повторна употреба на 70-80% од вкупниот отпад на државата. Преостанатиот отпад треба да се одлага на регионални депонии што ги исполнуваат европските стандарди“, вели за Гласот на Америка, Глигорие Ќатоски од движењето „Доста е“.


Ќатоски додава дека сè додека не се воведе ваков систем за менаџирање со отпад ќе се соочуваме со нечиста и нездрава животна средина.

Без одговорност нема решение за проблемот со дивите депонии во државата вели Ардијан Демири од граѓанското движење „Стружани за Струга“.

„Кога велам одговорност, мислам како на граѓаните така и на институциите. Мора на овој проблем конечно да се стави точка и да се почне одново со рокови за решавање на проблемот. Во спротивно да се применат мерки на принуда и санкции за сите надлежни функционери и органи. Без ваков пристап нема да има ништо. Нема да има ниту регионални депонии, нема да има ниту чиста средна. Мора државата за овој проблем сериозно да се ангажира, да ја промени легислативата во делот каде што ќе ги задолжи сите надлежни институции со рокови за решавање на овој проблем, а потоа и со мерки и санкции за пробивање на роковите. Во спротивно ќе се повторуваме уште долго“, вели Демири.

Министерот за животна средина, Насер Нуредини вели дека интензивно се работи на прашањето за изградба на регионалните депонии.

„Имаме национален план и работиме на дополнителни разработки на планот. Ја разбирам итноста од аспект дека ова треба да се направи што е можно поскоро, но потребно е да се помине таа процедура“, рече Нуредини.


Дивите депонии кои ги има покрај автопатиштата во Северна Македонија, но и во самите туристички локалитети, не оставаат добра слика кај странските туристи. Директорот на агенцијата за поддршка и промоција на туризмот Љупчо Јаневски вели дека ова е една од главните забелешки на туристите што ја посетуваат или транзитираат низ земјава.

„Во истражувањата на државниот завод за статистика и во одредени истражувања што ги работи Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот, сè повеќе се гласни туристите дека нехигиената влијае врз нивната перцепција за дестинацијата. И во сегментот на некои прашалници сè повеќе и повеќе се загрижени за екологијата и околу сè она што ние трајно го губиме. Се надевам дека во брзо време ќе имаме можност да се пофалиме дека сè повеќе стануваме чиста дестинација“, вели Јаневски.

Не мала е количината и на смет што постојано се вади и од дното на Охридското езеро. При последната акција беа извадени метални конструкции од платформи, столици, гуми за автомобили, стаклени и метални предмети. Исто така и апарати за домаќинство, санитарија, кревети.

XS
SM
MD
LG