Од нова глобална потенцијална опасност, до крај на пандемијата. Така домашни медицински лица го оценуваат „омикрон“, новиот сој од коронавирусот.
„Варијантата ‘омикрон’ на коронавирусот е потенцијална закана. Сè уште не можеме да кажеме дека е дефинирана сериозна закана по здравјето на глобалната популација. Причината поради којашто тоа така го дефинираме е зашто сè уште немаме доволно податоци за тоа каков тип на болест предизвикува кај генералната популација, колку брзо се пренесува, иако иницијалните податоци укажуваат дека е можно да ја замени делта варијантата, и најважното прашање, дали ќе го избегнува имунитетот што се стекнува со вакцините“, објаснува докторот Злате Мехмедивиќ, докторанд по јавно здравје.
Многу побрзо се шири и од тука можам да заклучам дека тоа ќе значи крај на пандемијата. Тоа можеме сигурно да го видиме. Би дошло до завршување, бидејќи нема кој да се сокрие.Д-р Никола Пановски
Според докторот и микробиолог Никола Пановски, „омикрон“ би значел крај на пандемијата.
„Многу побрзо се шири и од тука можам да заклучам дека тоа ќе значи крај на пандемијата. Тоа можеме сигурно да го видиме. Би дошло до завршување, бидејќи нема кој да се сокрие. Тие што се работоспособни, децата, учениците, сите ќе дојдат во контакт со вирусот, и вакцинирани и невакцинирани. Тоа што не го знаеме е какви ќе бидат последиците“, вели Пановски.
За заштита од надоаѓачкиот сој и натаму остануваат мерките како носење заштитна маска, избегнување простории со многу народ, зачестена хигиена. Сепак дебатата се развива околу улогата на третата, т.н. засилувачка доза.
„Примањето на третата, бустер, доза, кај тие што веќе примиле две вакцини обезбедува ефикасност на вакцината којшто е еднаков на ефикасноста што вакцината ја имаше после две примени дози, кога беше во прашање оригиналниот, див сој од Вухан, а тоа беше ефикасност на ниво од 95 проценти“, вели Мехмедовиќ.
Примањето на третата, бустер, доза, кај тие што веќе примиле две вакцини обезбедува ефикасност на вакцината којшто е еднаков на ефикасноста што вакцината ја имаше после две примени дози, кога беше во прашање оригиналниот, див сој од ВуханД-р Злате Мехмедовиќ
„Се шири и кај вакцинираните. Се знае дека многу послабо штити вакцината. Така што не можеме да кажеме дека третата доза, баш заради него, ќе нè заштити. Треба да нè заштити општо и од другите соеви на вирусот. Треба да ја примаат постарите, ризичните групи, тие што се над педесет години“, објаснува Пановски.
Стекнувањето природен имунитет по пат на прележување на болеста, според медицинските лица има удел во заштитата, но сознанијата сè уште не се целосни.
„Прележувањето на болеста, според овие иницијални податоци, не можеме да кажеме дека е сигурна заштита за да се спречи повторното инфицирање со вирусот, особено кога е во прашање варијантата ‘омикрон’“, смета Мехмедовиќ.
„Мислам дека секој што работи во работен колектив, знае кој се разболува по втор пат. Вакцинираните, не прележаните. Најзаштитени се прележаните, што си примиле и вакцина. Платото што стои кај нас е поради тоа што покрај вакциналниот е и прележаниот имунитет“, истакнува Пановски.
Главен вакцинален пункт против ковид-19 во Скопје е поликлиниката „Јане Сандански“. Од март годинава, до сега таму се аплицирани повеќе од 250.000 вакцини.
„Вакцините се безбедни, проверени. Еве, веќе во период од десет месеци вакцинирање, не сме имале проблеми. Не гледам ништо што би ги спречило граѓаните да се вакцинираат“, вели доктор Боре Радевски, управник на Поликлиниката „Јане Сандански“.
Според податоците од Министерството за здравство, во периодот од 6 август до 16 декември од ковид-19 починале 2.272 лица. Од нив 1.790, односно повеќе од 80 проценти, не биле вакцинирани. Кај вакцинираните, пак, што ја изгубиле битката со вирусот, имало присуство и на други хронични заболувања.