Бродската флота е закoтвена на градското пристаниште во Охрид. Но, веќе десет години во оваа флота не е бродот Илинден, кој стана познат по бродската несреќа кога на петти септември 2009 година, во водите на Охридското Езеро загинаа 15 бугарски туристи.
Техничката неисправност и претовареноста на бродот, на кој дополнително му била монтирана и горна палуба беа наведени како причини за трагедијата.
Но, од тогаш до денес многу работи се променети во делот на примената на модерните стандарди во бродскиот сообраќај и безбедноста во езерото.
Капетанијата врши редовен преглед на бродовите. Се проверува нивното функционирање, машинскиот дел, подвижната опрема, но и нивната евентуална претовареност
„После бродската несреќа направивме замена на регистарот. ‘Биро Веритас’ е компанијата што сега е овластена за техничките прегледи на бродовите. Односно техничките прегледи се прават во предвидените рокови. Има контролни прегледи со еден меѓу-преглед со извлекување на бродовите на суво. Мерките за преглед и баждарење на чамците се исто така затегнати односно се построги. Променет е целиот список на опрема што треба да го има еден чамец“, вели Горан Устијаноски, капетан на Капетанија пристаништа.
Дополнително, Капетанијата врши редовен преглед на бродовите. Се проверува нивното функционирање, машинскиот дел, подвижната опрема, но и нивната евентуална претовареност, за што казните биле големи.
Бродот „Александрија“ е еден од неколкуте што пловат по езерото денес. Тој вози на редовната линија до Свети Наум. Неговиот капетан, вели дека грижата за безбедноста на патниците им е на прво место.
„На три години имаме кревање на бродовите, односно вадење на суво. На година и пол имаме интермедијален преглед. Го вршат инспектори од ‘Биро Веритас’. Секој брод е ограничен. Со оглед на тоа ги броиме луѓето, знаеме колку карти сме продале и во секој момент колку луѓе имаме на бродот“, вели капетанот Зоран Ѓилески.
Капетанот Устијаноски додава дека е многу важно што има промена на свеста кај луѓето што управуваат со бродовите изминатите години.
„После бродската несреќа оние кои управуваат со пловните објекти, посебно во трговската флота односно патничките бродови, апсолутно никој од нив после таа несреќа не е ист. Исто така и кај чамците, односно кај пловните објекти за рекреација многу се направи да им се укаже на луѓето, дека безбедноста е за нив, а не за законите и државата“, вели Устијаноски.
Од нуркачкиот центар „Акватек“ предлагаат бродот „Илинден“ да биде потонат во езерските води и во иднина да биде туристичка атракција.
Хаварисан и надвор од употреба, бродот „Илинден“ со години стои во каналот Студенчишта во Охрид, потсетувајќи на немилиот настан пред десет години во Охридското езеро.