Линкови за пристапност

Столтенберг: НАТО треба да се адаптира на свет со повеќе руски проектили


Предупредувањето од првиот човек на Алијансата доаѓа после најавите за колапс на договорот за контрола на нуклеарното оружје со кој во осумдесеттите години беше ставен крај на Студената војна

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг предупреди дека алијансата ќе одговори доколку Русија го зголеми бројот на проектили. Неговото предупредување доаѓа после најавите за колапс на договорот за контрола на нуклеарното оружје со кој во осумдесеттите години беше ставен крај на Студената војна.

Столтенберг ја повика Русија да се придржува до Договорот кој, според мислењето на алијансата, бил прекршен од страна на Москва со развојот на новиот руски ракетен систем што носи ознака Новатор 9М729.

САД на 2 февруари почнаа шестмесечен процес на повлекување од договорот, а причина за тоа е рускиот ракетен систем кој ги надминува ограничувањата за дострел на проектилите. Ставот на американската администрација е дека новиот систем може да ѝ овозможи на Москва да изврши нуклеарен напад врз Европа, без можност за предупредување на земјите.

Со договорот од осумдесеттите беше забрането производството на крстосувачки и балистички проектили со дострел од 500 до 5.500 километри.

Русија, пак, тврди дека проектилите од нивниот систем имаат дострел помал од 500 километри и во исто време обвинува дека САД го прекршиле договорот со тактичките проектили и со дроновите.

Рускиот претседател Владимир Путин, како одговор на потегот на САД, исто така најави повлекување од договорот. Министерот за одбрана на Русија, навести и планови за нови проектили.

Поради последниот развој на настаните, секретарот Столтенберг истакна дека утре во Брисел ќе се разговара за следните „чекори што треба да ги преземе НАТО за да се адаптира на свет со повеќе руски проектили“.

„Не мора да правиме сè што прави Русија, но мораме да бидеме сигурни дека имаме цврста одбрана“, истакна Столтенберг.

Додека Вашингтон и Москва кршат копја за договорот од осумдесеттите, тоа не ја засега Кина, која во меѓувреме разви одбранбена стратегија што во голема мера се потпира на проектилите со среден дострел.

XS
SM
MD
LG