Линкови за пристапност

Фудбал: Во првото полуфинале Холандија - Уругвај

  • Jane Bojadzievski

На првиот полуфинален натпревар на Светското првенство во фудбал во Јужна Африка силите ќе ги одмерат Уругвај и Холандија.

Уругвај-Холандија во Кејптаун значи пресметка меѓу поранешен двократен светски шампион и двократен финалист.

Холанѓаните се окарактеризирани како селекција без голем дострел на светската фудбалска сцена, но веќе имаат пет победи зад себе на Мундијалот во Јужна Африка, вклучувајќи ја и елиминацијата на петкраткиот шампион Бразил со 2 спрема 1.

Играчот од средината на теренот, Весли Снајдер, го предводи нападот на Холанѓаните. Има постигнато четири гола, вклучувајќи ги и двата против Бразил.

По победата врз Бразил, селекторот на „лалињата“ Берт ван Марвик ги предупреди играчите да не го потценуваат Уругвај:

„За овој момент зборувам веќе две години. Кога ќе го победите Бразил, во игра се уште четири репрезентации. Следниот меч е против Уругвај – тие се борци, не се предаваат лесно и мора да бидеме мошне концентрирани на натпреварот“

Уругвај од друга страна, го има еден од најдобрите напачи во светот Диего Форлан, кој веќе има постигнато три голови. Другиот напаѓач Луис Суарез нема да игра поради казната од еден натпревар за играњето со рака и добивањето црвен картон на мечот со Гана.

Европа веќе има претставник во финалето на 11-ти јули, а во вториот полуфинален дуел се среќаваат Германија и Шпанија во Дурбан.

Шпанците ги поразија Германците во финалето на европското првенство во 2008-ма со 1 спрема 0, но подмладениот состав на Германија е во форма и има повеќе шанси да игра во завршницата од светското првенство.

Германија веќе декласира два стари ривала – Англија со 4:1 и Аргентина со 4:0.

Германците имаат постигнато и најмногу голови во Јужна

Африка – 13. Дваесетгодишниот Томас Мулер и 32-годишниот ветеран Мирослав Клозе по четири пати се имаат запишано на листата за стрелци. На Клозе му недостига само еден гол за да се изедначи со рекордот од 15 постигнати голови на Светски првенства, кој, засега го држи бразилскиот центарфор Роналдо.

Во меѓувреме, Шпанецот Давид Виља засега е стрелец број еден на Мундијалот со 5 голови. Тој го постигна и победоносниот гол во 83-тата минута во четвртфиналето против Парагвај.

XS
SM
MD
LG