Линкови за пристапност

Санторум победи во Алабама и Мисисипи


Ромни и натаму во водство по севкупниот број на освоени изборни делегати.

Републиканскиот претседателски претендент Рик Санторум победи на прелиминарните избори во јужните сојузни држави Алабама и Мисисипи, со тоа зацврстувајќи го статусот на конзервативна алтернатива на Мит Ромни, водечкиот кандидат во трката за партиската номинација за претседателските избори.

Санторум победи со тесно водство во обете држави кои важат за конзервативни упоришта. Њут Гингрич заврши на второто, а Ромни на третото место.

„Ова е кампања за претседател што потекна од обичните граѓани. Кој би помислил дека во добата на медиуми, обичните граѓани, спротивно на шансите, ќе ги поматат сметките, од ден во ден“, рече Санторум.

Поранешниот сенатор од Пенсилванија порача дека е време конзервативците да се обединат за да можат да се насочат на поразувањето на претседателот Барак Обама на претседателските избори во ноември.

Гингрич се надеваше на победа во барем една од двете сојузни држави, но пред симпатизерите во Алабама порача дека останува во трката, опишувајќи се како најдобриот кандидат што би продолжил со конзервативното наследство на поранешниот претседател Роналд Реган.

„Верувам дека ни е потребен визионерски водач кој е подготвен да говори за драматично подобра иднина, повеќе работни места, енергетски ресурси, побезбедна и посилна Америка. Тоа ќе биде клучно да се победи на изборите во ноември“, порача поранешниот претседател на Претставничкиот дом.

Двојниот пораз на Југот за Ромни е уште еден удар за обидот да ја освои поддршката на најконзервативниот дел на партијата, вклучувајќи ги и верските конзервативци. Па сепак, поранешниот гувернер од Масачусетс се` уште води во бројот на освоени изборни делагати. За него, добрите вести стигнаа од Тихиот Океан – победи на партиските изборни состаноци на Хаваите и територијата Американска Самоа.

Од преостантите републикански кандидати, американскиот конгресмен од Тексас Рон Пол нема победено на ниту едни прелиминарни избори.

За освојување на партиската номинација се потребни 1.144 изборни делегати. Републиканскиот кандидат официјално ќе биде номиниран на партиската конвенција во Тампа, сојузната држава Флорида во август.

XS
SM
MD
LG