Линкови за пристапност

Марш за толеранција на различностите во образованието


„Младите треба да се оспособат за критички да мислат и да се справуваат со конфликтите во средината на ненасилен начин“, ни изјави извршната директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права Уранија Пировска

По повод Меѓународниот ден на толеранцијата – 16 Ноември, викендов во Скопје, по единаесетти пат се одржа Маршот за толеранција, чии учесници се спротивставија на дискриминацијата во образованието и се заложија за прифаќање на разликите, за надминување на постоечката ситуација и за промени во средините кои младите ги трујат со предрасуди, стереотипи и омраза кон „инаквите“.

На Маршот за толеранција 2019, што се одвиваше под мотото „Едукација без дискриминација“, претставниците на невладиниот сектор го кренаа гласот против дискриминацијата, барајќи од властите изготвување на листа на приоритети на која образованието ќе биде високо рангирано и сериозни инвестиции во образовниот систем, кој, според активистите е една од причините за заминувањето на младите лица во странство, но и на цели семејства кои сакаат на своите деца да им овозможат подобро образование.

Маршот што го организираше Хелсиншкиот комитет за човекови права, беше поддржан од Младинскиот образовен форум, Коалицијата Маргини, Националниот ромски центар, Реактор, Цивил – Центар за слобода, Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување – ХЕРА и Националниот совет за родова рамноправност.

ХК во соопштението наспроти Маршот, истакна дека „и покрај обемната материја со која се оптоварени децата и младинците во образовниот процес, училиштето сепак, ги лишува од клучни животни вештини, од кои потоа зависи кохезијата на целото општество и иднината на цели генерации“.


Извршната директорка на Хелсшинскиот комитет за човекови права, Уранија Пировска, во изјавата за Гласот на Америка на македонски јазик истакна дека „образованието мора да работи на свеста на младите дека живеат во општество со многу различности кои треба да ги прифатат“.

„Предрасудите и стереотипите се длабоко вкоренети кај нас, а омразата која произлегува од нив, води кон разни форми на насилство. Така се доаѓа до поразителниот факт дека младите премногу често стануваат жртви на злосторства од омраза, но се и извршители на такви дела. Иако образовниот систем треба да биде главниот коректив на ваквите негативни ставови, сè уште имаме учебници со дискриминаторски содржини кои ја потхрануваат нетрпеливоста кон различните. Но, тоа е само еден од бројните проблеми во образовниот процес и затоа побаравме темелни и суштински промени кои ќе бидат соодветни на потребите на младите луѓе и на времето во кое живееме. Младите треба да бидат добро информирани за клучните прашања кои директно ги засегаат во секојдневнието, но и да се оспособат за критички да мислат и да се справуваат со конфликтите во средината на ненасилен начин“, изјави Пировска за Гласот на Америка на македонски јазик

„Бараме темелни и суштински промени во образованието кои ќе бидат соодветни на потребите на младите луѓе и на времето во кое живееме“
Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права


Активистите побара сеопфатни промени: од подобрување на училишната инфраструктура, преку исфрлување на спорните текстови во учебниците, до формирање на буџет за подготовка на поквалитетни кадри во образованието.

Според Ашмет Ередоски од Националниот ромски центар, поради политизираноста на општеството и негрижата за младите се загубило чувството за човечките вредности. „Ако продолжиме вака, насилството ќе расте. Потребна е итна политичка волја да ги вратиме вистинските вредности, меѓуетничката толеранција, почитта и љубовта. Во спротивно, миграцијата ќе продолжи а насилството меѓу младите ќе стане секојдневие“, изјави Ередоски за медиумите.

За активистите, образованието е „најслабата алка“ во системот, во застарените наставни програми и во учебниците сè уште има дискриминаторски содржини, а дел од кадарот е некомпетентен и неподготвен за промените во општеството. Тие побараа и воведување сеопфатно сексуално образование за „зајакнување на самодовербата и сигурноста на младите луѓе“

Медиумите, ја цитираа и изјавата на учесничката на Маршот, Драгана Дрндаревска од Коалицијата „Маргини“, според која, „жртви на физичко насилство биле дури 29 отсто од ЛГБТ момчињата наспроти 9 отсто од хетеросексуалните момчиња. Оваа нееднаквост е најалармантна кога станува збор за прашањето за самоубиства - дури 36% од ЛГБТ, одговориле дека сериозно размислуваат за самоубиство“.

Според Хелсиншкиот комитет, младите во Македонија речиси и не се оспособуваат за критичко мислење, учебниците и наставните програми се полни со дискриминаторски содржини, пренебрегната е важноста од едукација за ненасилно разрешување конфликти, а неинформираноста на младите и на опкружувањето во кое живеат, создава предрасуди и нетрпеливост, како на пример, во однос на децата со попреченост и нивното вклучување во редовното образование.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG