Портпаролот на УНХЦР во Вашингтон Кристофер Бојан изрази загриженост за илјадници опфатени со последната извршна одлука на претседателот Трамп за привремено замрзнување на програмата за раселување бегалци во САД. Тој не сакаше да коментира за политичките мотиви и геополитичките импликации од привремениот статус - кво за раселување на бегалци во САД.
„УНХЦР ги споделува целите дека секој бегалец од програмата за раселување е проверен и безбеден колку што е можно. За таа цел ги поддржуваме сите влади, вклучувајќи ги и САД“, изјави Бојан.
Организацијата на ОН за бегалци е на иста линија со владите дека програмите за раселување се безбедни и сите претходно минале целосни темелни проверки, вели Бојан, за Гласот на Америка.
„Сметаме дека програмата за раселување бегалци во САД која постои во моментов е безбедна, но ако има начини да се подобри, стоиме зад тоа, и спремни сме да ги спроведеме сите промени, со цел да осигуриме дека најдобрите методи, за проверка на идентитетот се во пракса и оти сите бегалци се проверени“, оцени гласноговорникот на Агенцијата на ОН.
Катлин Фарел од Форумот за имиграциона политика смета дека со оглед дека, како што кажа, „сме исправени пред најголемиот предизвик со бранот бегалци, потребна е поголема координација на глобално ниво за нивно раселување, за да се олесни притисокот врз поединечни земји:
Ако една земја одлучи дека не може повеќе да прима бегалци, тогаш ќе има заостаток, ќе создаде притисок врз други земји. Државите кои имаат привремени прифатни центри за бегалци, ќе имаат најголем товар, коментираше Фарел.
Состојбата со судбината на бегалците кои треба да бидат прифатени во САД е нејасна со оглед дали американската влада ќе ја продолжи привремената забрана.