Линкови за пристапност

Нуланд: Годинава почнува трансатлантска ренесанса


Обновување на заложбите на НАТО
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:20 0:00

Помошничката-државна секретарка за европски и евроазиски прашања зборуваше за НАТО во Институцијата Брукингс

Викторија Нуланд направи споредба на односите во НАТО сега, со пред една година.

„Денес, земјите-членки на НАТО се подобро бранети и Алијансата стои цврсто на свои нозе од пред една година. Сојузнички сили се распоредени на копно, море и во воздух во трите балтички држави и во Полска, Романија и Бугарија“, изјави вишата дипломатка во Стејт департментот.

Таа рече дека за првпат НАТО го зголемил буџетот и ги модернизирал силите за брза реакција долж источните граници на Алијансата.

За неа е несфатливо зошто Москва и натаму форсира агресивна надворешна политика кон соседите, наместо да се пренасочи на подобрување на животот на своите граѓани, особено по падот на вредноста на рубљата и економската криза што се одразува врз земјата по воведувањето на санкциите од Западот.

Трансатлантската ренесанса, рече Нуланд, почнува годинава, особено во однос на заедничката и енергична одбрана на интересите и постулатите на НАТО, од кој и да е непријател. НАТО е одбранбен сојуз, но мора да е подготвен за каков и да е предизвик, рече вишата американска дипломатка.

Нуланд најави дека сојузниците на НАТО годинава во Централна и Источна Европа и на Балканот ќе ги удвојат напорите за независно судство, против корупцијата и за транспарентност на владите.

Според неа, иднината на европските вредности во 21-от век се прекршува врз Украина: „Конечно, сите знаеме дека Европа како една, слободна, и во мир, се дига или паѓа со Украина. Украинските граници на слободата се и наши граници“.

На прашање за шансите за членство на Македонија во НАТО и ЕУ по победата на партијата Сириза на грчките избори, во контекст на најавата дека ќе нема промена во грчкиот став, како и шпекулациите дека Грција ќе ги замрзне преговорите, Нуланд истакна:

„Се надеваме дека ќе може да се вратиме на разговор, да се обидеме да го решиме долгогодишниот спор за името, којшто го оневозможи приемот на Македонија во НАТО и во ЕУ. И натаму се надеваме дека ќе дојдеме до добро решение, затоа што не е само во интерес на стабилноста на Македонија и на Балканот да стане членка, туку и за самата Грција“, изјави помошничката-државна секретарка за европски и евроазиски прашања.

XS
SM
MD
LG