Во Женева денес започна дводневна средба на американски и севернокорејски дипломати, посветена на продолжување на шестраните преговори за нуклеарната програма на Пјонгјанг.
Американската делегација ја предводат специјалниот претставник за Северна Кореја Стивен Босфорт, кој е на заминување од функцијата, и неговиот наследник Глин Дејвис. Тие ќе го претстават ставот на Вашингтон дека Пјонгјанг мора да ја прекине програмата за збогатување на ураниум и да им дозволи на инспекторите да се вратат во земјата, пред да продолжат мултилатералните преговори, во кои покрај САД и Северна Кореја, учествуваат и Кина, Русија, Јужна Кореја и Јапонија.
Севернокорејската делегација, на чие чело е заменикот-министер за надворешни работи Ким Кје-кван, најверојатно ќе се држи до изјавата на водачот Ким Џонг-ил, кој минатата недела за руската новинска агенција Итар-Тас рече дека разговорите треба да продолжат што е можно поскоро и без предуслови.