Проценките на безбедносните служби се дека засега не постојат директни терористички или закани за сигурноста и стабилноста на земјата во ситуација кога регионот минува низ турбулентен период. Тоа се сознанијата на полицискиот врв – министерот за внатрешни работи уверува дека сите надлежни институции и агенции внимателно ги следат случувањата и се преземаат сите мерки.
„Ова е сериозен предизвик и предизвик којшто не е сега и нема да заврши, туку предизвик којшто стои пред нас и токму заради тоа сите надлежни органи и МВР и Агенцијата за национална безбедност, Агенцијата за разузнавање преземеме сериозни активности во насока на борба против тероризмот или спречување на какви било активности коишто би можеле да предизвикаат загрозување на безбедносната состојба. Сега во овој момент нема никакви индикации за какво било нарушување на безбедносната состојба во државата.“
Проценката на Спасовски следеше по официјалното пуштање во употреба на полициски објект реновиран со донација на САД – стратешкиот партнер на Северна Македонија. Американската амбасадорка потврди дека продолжува соработката меѓу двете земји во справувањето со тероризмот, транснационалните закани – а меѓу нив е и справувањето со повратниците од странските боишта.
„САД се многу горди што стојат заедно со МВР во целосното подготвување на вашите специјални полициски сили за најтешките и нај предизвикувачките мисии. Вашата антитерористичка единица помина ригорозен специјален тренинг заедно со американските специјални сили подготвувајќи ги за урбани операции. Северна Македонија продолжува да биде модел за стабилност и владеење на правото на Западен Балкан.“, изјави Кејт Брнз, амбасадорка на САД во Северна Македонија.
„Нашата соработка би ја нарекла продуктивна, конструктивна и благодарни сме зашто Северна Македонија го предводи регионот во враќање на дел од нејзините граѓани кои се борци во терористичките организации. Тоа е сложен и тежок процес и важно е да се фокусира на реинтеграција на тие луѓе.“, изјави Кејт Брнз, амбасадорка на САД во Северна Македонија
Таа најави продолжување на соработката за обука на полицијата и истражителите која треба помогне во користењето докази од боиштата во процесирање на лица-борци откако ќе се вратат дома. Досега имаше неколку вакви случаи - македонски државјани беа вратени во земјава и против кои, откако биле утврдени докази, се покренати соодветни постапки. За оние граѓани кои биле присутни на странски боишта, но кои директно не учествувале, а тоа се најчесто жени и деца, се почнува процес на нивна ресоцијализација и реинтеграција во општеството.
Facebook Forum