Линкови за пристапност

Џес Бејли: Одлуките за одредување на датуми за избори е секогаш одговорност на Собранието


Интервју со Амбасадорот на САД во Македонија за последните случувања во земјата

Глас на Америка: Извештајот на САД и ЕУ беше оквалификуван како политички од страна на владеачката ВМРО-ДПМНЕ. Што според Вас во содржината на извештајот можело да наведе на ваква квалификација?

Џес Бејли: Европската Унија и САД поставија критериуми во писмото од 28 јануари со цел да бидеме сосема транспарентни во врска со тоа што го оценувавме. Сите партии, вклучувајќи го и раководството на ВМРО-ДПМНЕ го поздравија нашиот приод и не искажаа никаква загриженост околу критериумите. На 20 февруари ја споделивме нашата оценка дека повеќето од тие критериуми не беа задоволени. Во најголемиот број случаи, не постоеше субјективен суд, туку само одговори со да и не на прашања поврзани со факти.

Глас на Америка: Која е методологијата по која го изготвивте овој извештај? Кои беа вашите извори на информации кои Ве доведоа до заклучок дека Македонија не е подготвена да организира фер и демократски изборен процес во април?

Џес Бејли: Во врска со критериумите поврзани со ДИК, ние само обезбедивме одговори на прашањата поставени во нашето писмо од 28 јануари - дали ДИК е целосно обезбедена со персонал и финансии; дали ДИК ги завршила првичните вкрстени проверки на дата базите; дали договорените планови се исполнети за спроведување на теренска проверка за да се отстранат имиња кои не припаѓаат таму и за воспоставување на механизам на жалби. ДИК ги обезбеди тие одговори, а меѓународните експерти за избори додадоа детали.

Во врска со медиумските реформи, требаше да се одговори на најдиректното прашање - дали имаше постигнато договор за медиумските реформи. Немаше постигнато таков договор. За заплашувањето на гласачи и одвојувањето на државата од партијата, исто така беше лесно да се одговори дали високи државни службеници имаа излезено со конструктивни јавни изјави. Премиерот Димитриев и г-динот Груевски имаа, а ДУИ ги адресираше овие прашања во својата платформа. Нашата оценка, исто така се засноваше и на многуте разговори што ги имавме со владини претставници, претставници на медиумите, групи од граѓанското општество што се занимаваат со мониторинг, како и нашите сопствени опсервации.

Глас на Америка: Како што најавивте пред еден месец клучни критериуми за овој извештај се подготвеноста на избирачкиот список, одвојувањето на партијата и државата и медиумите. Прво би сакал да ве прашам за тоа што е вашиот наод околу избирачкиот список што е тоа што недостасува, а што не може да бие корегирано до 24 април?

Џес Бејли: Пред се, важно е да се забележи дека имаше големо одолговлекување во основањето на новата Државна изборна комисија. Според Договорот од Пржино, ДИК требаше да се формира и да има нови овластувања до 30 септември, но нејзиниот состав не беше утврден се до 16 декември. Тоа исклучително го ограничи времето што остана на располагање за утврдување на процедури, за вработување на персонал, и за финализирање на оперативните планови. Без разлика, ние ги поздравуваме напорите на ДИК да го исполнат својот мандат под ваков голем временски притисок.

Што се однесува до Избирачкиот список, заедничкото писмо на ЕУ и САД од 28 јануари укажа дека основен критериум за нашата оценка ќе биде дали до 19 февруари ДИК ја има завршено првичната споредба или “вкрстената проверка” на одбраните владини бази на податоци со стариот Избирачки список. Дури откако споредбата на тие стотици илјади имиња, содржани во тие десет бази на податоци, ќе биде завршена, само ДИК ќе има претстава за тоа колку проблеми или аномалии треба да се решат. И дури откако таа информација ќе биде утврдена, може да се знае дали има доволно време да се истражат тие аномалии и да се донесат одлуки кои од проблематичните имиња треба да останат во Избирачкиот список, а кои треба да се избришат.

ДИК вели дека вкрстената проверка може да се заврши за две недели. Но, може да се утврди дека има премногу проблеми за да се поправат во временскиот рок до изборите на 24 април. И доколку Собранието се распушти на 24 февруари, ќе биде предоцна да се обезбеди дополнително време, неопходно за да се обезбеди веродостоен Избирачки список. Некои може да тврдат дека можно е да се најде пократок пат за да се прочисти Избирачкиот список на време, но скратените патишта не се одговор кога станува збор за основното демократско право – правото на глас.

Лидерите веќе разговарале за 5-ти јуни, како можен алтернативен датум за изборите. Одлуките за одредување на датумите за избори е секогаш одговорност на Собранието. Имајќи го ова во предвид, доколку сите работат напорно и ги почитуваат правилата, не гледаме никаква причина зошто не би можело да се организираат кредибилни избори на 5 јуни.

Глас на Америка: ЕУ и САД бараат раздвојување на партијата и државата. Кои се индикаторите по кои ја дадовте вашата оценка во врска со ова прашање?

Џес Бејли: Ние го поздравуваме писмото на премиерот Димитриев од 9 февруари до членовите на Владата и до високите државни службеници, како и изјавата на г-динот Груевски во неговото интервју од 19 февруари. Меѓутоа, повеќе веродостојни пријавени случаи покажуваат широко распространета практика на високи државни службеници кои бараат од своите подредени да обезбедат списоци на лица кои ќе гласаат за одредена политичка партија, или пак да се вклучат во други политички активности. Исто така, имаше повеќе веродостојни пријавени случаи, многу од нив објавени јавно од организации на граѓанското општество, за користење на државни ресурси од страна на владини функционери за политички цели. Освен тоа, немаме никакви индикации дека Канцеларијата на Јавното обвинителство презело поактивни мерки за истражување или санкционирање на таквите злоупотреби.

Глас на Америка: Преговорите за медиумите не донесоа резултат. Кои се вашите информации зошто и по толку време преговори во оваа област од витално значење за демократијата не се најде решение?

Џес Бејли: Партиите во ноември 2015 година започнаа преговори за медиумите, и сите политички партии работеа напорно за да постигнат компромис. До крајот на минатата недела, остана отворено едно примарно прашање – составот на бордот на МРТВ и на Советот за аудиовизуелни услуги. Три партии го прифатија принципот членовите на овие тела да бидат квалификувани, независни професионалци, избрани преку отворен конкурс и изгласани од Собранието. Меѓутоа, една партија го одби овој предлог, и невозможно беше да се постигне договор без консензус за реформи во медиумите.

Глас на Америка: Сведоци сме на црна кампања против медијаторот Ванхојте. Каква е вашата оценка за неговата работа и дали тој ќе може да продолжи да биде медијатор во една ваква атмосфера?

Џес Бејли: Г-динот Ванхојте игра клучна улога во имплементацијата на реформите што беа спроведени во согласност со Договорот од Пржино, вклучувајќи го тука и ревидираниот изборен законик и постигнувањето на договор помеѓу партиите во врска со назначувањето на независен обвинител кој ќе истражува кривични дела што се поврзани со или произлегуваат од незаконското следење на комуникации. Нападите врз него се длабоко разочарувачки.

Глас на Америка: Рековте дека Македонија ја делат уште неколку часови до точката од која нема враќање. Кои ќе бидат според вас последиците доколку ВМРО ДПМНЕ и нивниот партнер ДУИ се одлучат да одат на избори на 24 април?

Џес Бејли: Лидерите на сите политички партии имаат обврска да ги донесат потребните одлуки што ќе обезбедат кредибилни избори, потребни за да се исполни Пржинскиот договор и Македонија да се врати на патот на евроатлантската интеграција.

Глас на Америка: Во јавноста често е присутна шпекулацијата дека ДУИ е партија која е под влијание на САД. Дали е тоа точно и дали очекувате дека ДУИ ќе поддржи одлука на ВМРО-ДПМНЕ да се оди на 24 април на избори без разлика на содржината и препораките на вашиот извештај?

Џес Бејли: ДУИ повеќе пати нагласиле дека една од нејзините примарни цели е евроатлантската интеграција и членството во НАТО и ЕУ. Според нашите информации, ДУИ има јавно кажано дека нема да учествува на избори на 24 април. И други партии дадоа слични изјави.

XS
SM
MD
LG