Детството е секогаш и секаде исто, без разлика каде си - вели 37-годишниот режисер Гоце Цветановски за Гласот на Америка на маргините на Македонскиот филмски фестивал во Торонто. Снимил филм за татко му, тоа е неговиот омаж за него.
Сите елементи треба да бидат ускладени за еден добар филм, иако се` почнува од приказната, но ако целата екипа не е „наштимана“, тогаш има шанси да се намали квалитетот на финалниот производ.
Какво е чувството по секој сработен филм?
„Прекрасно...Еден вид на интелектуален оргазам“, вели Цветановски.
„Детето во светот“ е биографски документарен филм за детството на Љубе Цветановски, познат по серијата „Патуваме – сонуваме“.
„Ја раскажуваме приказната за неговото детство во планинско село во Македонија...“, објаснува овој уметник.
Вели, во последниот период во Македонија, има нов бран македонски автори кои обработуваат теми и форсираат новите погледи кои ја збогатуваат македонската кинематографија.
Неговиот потпис стои и зад најновиот спот на легендарната група „Феит ноу мор“ – Cone of Shame. Се согласиле да биде снимен спот како филм – и досега го виделе преку 200.000 луѓе на Јутјуб.
Но, Гоце не мирува.
Следен проект – прв македонски долгометражен анимиран филм – „Јон Вардар против Галаксијата“ за хуманоиден Македoнец, киднапиран од робот, со кого заедно шета низ галаксијата, но наместо да ја спасат, можеби ќе ја уништат, на шега - вели Цветановски. Филмот се очекува да се прикажува 2019-та, а ќе се работи во Македонија.
Голем дел од животот минува на релација Париз – Скопје. И како што вели - животот во Франција му помогнал да созрее како автор.