Мигрантски кампови како одговор на евентуален нов мигрантски бран во Северна Македонија нема да се градат. Ова го изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Тој со ова ги демантира многубројните информации кои кружат во јавноста изминатиот период дека во земјава ќе се градат вакви прифатни кампови. Тој вели дека на располагање земјава ги има и ќе ги има само двата прифатни центри кои се наоѓаат на северната граница со Србија на Табановце и оној во близина на јужната граница со Грција кај Гевгелија.
Од меѓународниот центар за развој на миграциска политика велат дека македонските власти само треба да одлучат дали треба да се градат или не вакви кампови.
„Македонија има јасен став по однос на миграциите. Ние имаме два кампа. Едниот е Винојуг кај Гевгелија и вториот е во Табановце кај Куманово. Тоа се два кампа за краток временски престој, кои функционираат и работат и во овој период. Македонија во ниту еден момент нема да гради дополнителни кампови за било каква мигрантска криза. Нашиот став е дека ние работиме исклучиво во овие транзитни центри во кои транзитираат мигрантите. Сега нема индиции дека е можно да проработи повторно Западно Балканската рута, освен илегалните обиди кои ги имавме и минатата година, а ги има и сега“, изјави министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
„Од наша страна немало никакви предлози до македонската влада да бидат изградени бегалски кампови но доколку би сакале вие како држава да се справите успешно со мигрантската криза би требало да преземете мерки во иднина.Тоа е одлука која треба да ја донесе владата на Северна Македонија“, изјави Михаел Шпинделегер- директор на Меѓународниот центар за развој на миграциска политика.
Осврнувајќи се на опасноста од повторно активирање на Западно Балканската мигрантска рута од која е засегната и Северна Македонија првиот човек на меѓународниот центар за развој на миграциска политика, Шпинделегер рече дека во Турција има луѓе од Ирак и Авганистан кои чекаат во секој момент да ја преминат границата. Тој кажа дека е неопходно да им се даде голема поддршка на државите кои се распределени долж Западно - балканската рута со цел тие да можат да се соочат со сите евентуални предизвици.
„Не знаеме точна бројка, но знаеме дека во Турција има многу луѓе од Иран и Авганистан кои би сакале да преминат преку Турција и Грција понатаму во Европа. Со оглед на жариштата во Сирија во моментот претпоставуваме дека во иднина би можело да има многу бегалци кои би преминувале преку Грција, а понатаму и преку Западно Балканската рута. Треба да бидеме подготвени со оглед на тоа дека сега се
Министерот Спасовски вели дека она што е важно е дека треба да се почитува договорот помеѓу ЕУ и Турција поврзан со мигрантите.
„Точно е дека на територијата на Турција постојат поголем број на мигранти. Но тие не се таму за да чекаат. Има мигранти кои се интегрирани веќе во турското општество и затоа е многу важно договорот меѓу Турција и ЕУ да опстојува. Од тој аспект сметаме дека не треба ниту една од државите во овој регион ниту од државите членки на ЕУ, да не се подготвуваат и да не преземаат мерки за било каква можна ескалација на случајот. Но во моментот таква ситуација нема, но ниту има индиција дека во скоро време би можеле да дојдеме до некаков мигрантски бран“, вели Спасовски.
Од МВР велат дека она што е добро е дека во последните две недели имало намалување на обидите за илегални преминувања на границата.
Околу 3000 бегалци секој ден од Турција влегуваат во Грција-Северна Македонија треба да биде подготвена од нив бран
И хуманитарните активисти кои работат со мигрантите велат дека во моментот нема големи движења на бегалците.
„И оние кои се движат пешки се во мали групи од четири до осум луѓе“, вели Ленче Здравкин активист.
Таа додава дека во секој момент земјава треба да биде подготвена за нов бран бегалци.
„Земјава во секој момент треба да се подготви за нов бран на бегалци. Бидејќи во Турција се зголемувал бројот, а во Грција секојдневно влегуваат нови 2000-3000 бегалци. Ние како држава веќе покажавме дека умееме да се справиме со хуманитарна криза па поради тоа и нема потреба од паника. Земјава ги има транзитните центри кои ги задоволуваат сите норми. Потребно е само добро екипирање на институциите“, рече за Гласот на Америка, Здравкин.
Инаку во Охрид на тема миграции се зборуваше и на состанокот на управната група на меѓународниот центар на миграциски политики каде Северна Македонија годинава го презеде управувањето. Она што беше потенцирано е дека Северна Македонија е подготвена да се соочи со евентуално нов бран на мигранти.
Facebook Forum