Линкови за пристапност

Жестоки полемики по усвојувањето на Законот за употреба на јазиците


„’Законот за двојазичност’ е спротивен на Уставот и за него треба да се произнесе Уставниот суд“, изјави денеска на прес-конференција Никола Србов од ВМРО-ДПМНЕ

Откако неодамна македонскиот парламент со 69 гласови „за“ го усвои Законот за употреба на јазиците, според чии одредби, во сите државни тела, освен македонскиот, официјален јазик е и албанскиот, како јазик на заедница која претставува над 20 проценти од вкупниот број граѓани, и откако неговиот сопартиец Илија Димовски најави дека ќе го оспори законот пред Уставниот суд, Никола Србов (ВМРО-ДПМНЕ) денеска потенцираше дека Уставниот суд има обврска да се произнесе за законот, без разлика од каде доаѓа претставката.

Пратеникот Димовски пак, денеска побара од претседателот Ѓорге Иванов, кој според законскиот рок - до 18 јануари треба да се изјасни дали ќе го потпише законот или не, да стави вето на, според него, „штетниот дезинтегрирачки, дискриминирачки и неуставен закон за јазици“:

„Нашите сограѓани имаат потреба од прецизирање, имплементирање, па и подобрување на употребата на албанскиот јазик, но таква потреба имаат и Турците, Србите, Ромите, Бошњаците и Власите. Ние мораме да покажеме разбирање и подготвеност за таквите барања. Но, човековите и јазични права не се срамни и не се за под тезга, како постапката за носење на овој закон. Зошто тајно, зошто исклучиво, зошто со злоупотреба на европско знаме, зошто без јавна расправа, зошто без професори, факултети и институти, зошто поените на партиите се позначајни од потребите на граѓаните...? Овој документ не треба да помине, а сите треба да работиме на документ во согласност со меѓународните стандарди, во согласност со Уставот и врз база на суштинските потреби на нашите сограѓани“, е ставот на Димовски. Според него, законот е плод на пазарења меѓу партиите, а не на суштинска, длабока и сеопфатна анализа на реалните потреби на етничките заедници и ја загрозува позицијата на македонскиот јазик во Република Македонија, како и нејзината унитарност и иднина..

По донесувањето на законот, во периодот додека премиерот Зоран Заев е на одмор вон земјата, забележителен е молкот на претставниците на владејачката СДСМ, како и на коалициониот партнер ДУИ, иако ова е една од трите топ-теми во македонската јавност, заедно со вчерашното ратификување на Договорот за добрососедство со Бугарија и најавите за постепено приближување на ставовите во спорот со Грција за уставното име на Македонија.

И додека на партиски план владее молк, во дел од медиумите и на социјалните мрежи се води „војна“ со полемички тонови, обвинувања, навреди... Жестоките реакции по повод Законот за употреба на јазиците на одделни политичари, интелектуалци, академици и професори, но и граѓани, засега создаваат впечаток дека новиот закон го поларизира општеството на меѓунационален план и ги антагонизира спротивставените страни внатре во етнички-македонската заедница, со што се отвораат нови можности за продлабочување на постоечката недоверба и се намалуваат шансите за вистински соживот.

И една од жестоките критичарки на претходната власт на чело до ВМРО-ДПМНЕ, професорката и активистка за човекови права д-р Мирјана Најчевска, се изјасни против донесување „на еден ваков закон“, и на својот блог, потенцираше дека материјата на употребата на јазиците - најдобро може да се уреди со ратификација на Повелбата на регионалните и малцински јазици на Советот на Европа, (потпишана од Македонија уште во 1996, но сè уште не е ратификувана) која, според професорката, „плени со својата идеја за заштита на јазиците како дел од културното наследство на Европа, со својата прецизност и со отвореноста за различни решенија, зависно од конкретните состојби во одредена држава“.

Најчевска ја оспорува формулацијата за „јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните“, зашто, „за да се знае дали е навистина достигнат бараниот процент мора да се знае колкаво е точно населението во Република Македонија и дали има етничка/јазична заедница која го исполнува бараниот услов“.

„Ова не може да се базира на претпоставки (бидејќи е суштински елемент на Законот), туку мора да се измери. Со оглед на тоа дека во Македонија не е направен попис уште од 2002, во моментов, нема релевантни податоци за тоа дали некоја од јазичните малцински заедници го исполнува условот предвиден во Законот. Тоа значи дека Законот не смее да се употребува сè додека не биде направен попис“, децидна е професорката Најчевска, според која, сè друго ќе биде политички волунтаризам и спротивно на одредбите на Законот.

Од социјалните мрежи - во дел од медиумите беше пренесена полемиката - преписка околу Законот за употреба на јазиците меѓу истакнатите професорки Беса Арифи која ги обвини за шовинизам критичарите на законот, Каролина Ристова Астеруд, за која, меѓу другото, законот е „рамковна и уставна тиранија на малцинството“ и Симона Груевска Маџоска, која покрај контраобвинувањата за Арифи - за патетика и мелодрама, ја нарекува и „срце едно нацистичко, драга моја Беса Арифи!“

Реакции на Законот за употреба на јазиците имаше и во регионот. Новинарот и аналитичар Љубчо Нешков во емисија на Бугарската национална телевизија, потенцира дека „усвојувањето на албанскиот јазик како официјален во Македонија, не води кон двонационална и двојазична држава, не дај Боже, до некаква федерација, напротив – оваа промена мора да се гледа во рамките на геополитичката револуција што се случува во Македонија”. Според Нешков, „промената на (статусот на – н.з.) албанскиот јазик не доаѓа по пат на конфликт, тоа е свесен потег на владејачката партија на Македонците. Ова е дел од програмата, дел од обидот на Македонија да го еманципира и да го стави последниот клинец во ковчегот на национализмот на Балканот“. Според него, со донесувањето на овој закон, ниту една партија на Албанците, не само во Македонија, туку и во соседните земји, веќе нема да може да има било какви претензии кон Македонија.

За разлика од него, албанскиот премиер Еди Рама пак, потенцираше дека благодарение на неговата Влада бил донесен Законот за двојазичност, „голем настан, кој пред неколку години не можел ни да се замисли„:

„Усвојувањето на законот за албански јазик од парламентот во Скопје претставува историско постигнување за Албанците, што ја демократизира и ја зајакнува самата Македонија“, изјави Рама.

Засега единствено е сигурно дека новиот Закон ќе се одрази врз државниот буџет, зашто, иако не се знае колку точно ќе трошат новоформираните Агенција за примена на јазикот и Инспекторат за употреба на јазиците, и иако извори од Владата неофицијално соопштија на медиумите дека нема да има нови вработувања, туку само трансфери, се проценува дека над 1,7 милиони евра ќе бидат потребни за целосна примена на новиот закон, а дека за годинава се обезбедени 1,46 милиони евра.

Сè уште останува нејасно и дали новиот закон ќе значи или не и двојазични пари и двојазични ознаки на униформите на војската, што според министерката за образование Рената Тренеска-Дескоска, го нема во законот, зашто би било спротивно и на Уставот.

„Униформите на полицијата, пожарникарството, здравството, во Скопје и во единиците на локалната самоуправа во кои најмалку 20 отсто од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик, ќе бидат напишани на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, како и на јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните во Република Македонија и неговото писмо“, стои во членот 8 од Законот.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG