Линкови за пристапност

Русија тврди дека Сноуден не стапнал на нејзина територија


За Москва, американската критика е неоснована и неприфатлива

Русија негира дека Едвард Сноуден влегол на нејзина територија, што само ја зголеми нејаснотијата каде точно се наоѓа поранешниот работник под договор на американското разузнавање, кого властите во САД го бараат поради обвинение за шпионажа.

Според претпоставките, Сноуден вчера пристигнал во Москва од Хонг Конг со патнички авион. Тој се засолни во Хонг Конг откако за медиумите откри дека американската влада преку две програми тајно следела телефонски и Интернет-податоци, а обелодени и други доверливи разузнавачки информации.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денес кажа дека Сноуден не ја минал руската граница. Тој порекна секаква руска вмешаност во патните планови на Сноуден и гневно ја отфрли американската критика за Москва во врска со инцидентот како неоснована и неприфатлива.

Американскиот државен секретар Џон Кери вчера побара Русија да го испорача Сноуден, предупредувајќи на негативни последици доколку не се согласи на тоа.

Исто така, Белата куќа ја критикуваше Кина дека намерно дозволила 30-годишниот Сноуден да замине од полуавтономната кинеска територија Хонг Конг, и покрај валидниот налог за негово апсење. Тоа, несомнено, нанесе штета на американско-кинеските односи, оцени Белата куќа.

Портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи Хуа Чанјинг денес реагираше дека ваквото обвинување е неосновано и неприфатливо. Таа рече дека нема логика Вашингтон да го доведува во прашање начинот на кој Хонг Конг реагирал на случајот, бидејќи тоа било во согласност со законот.

Иако се верува дека побарал азил во Еквадор, се` уште не јасно каде во моментов се наоѓа Сноуден, откако не се најде, како што првично се претпоставуваше дека ќе стори, на вчерашниот лет од Москва за Куба.

Претседателот Барак Обама кажа дека САД ги користат сите соодветни законски канали на располагање Сноуден да биде испорачан.

Еквадорскиот министер за надворешни работи Ричард Патино вчера на прес-конференција во Виетнам наведе дека Сноуден побарал азил, но дека не може да каже каде се наоѓа. Според Патино, неговата влада е во контакт со руската во врска со случајот. Еквадорските власти велат дека го разгледуваат барањето за азил. Според Патино, барањето ќе биде разгледано врз основа на принципите на Уставот на Еквадор.

Сноуден достави документи до медиумите што покажуваат дека американските разузнавачки служби со години собирале податоци за моделите на телефонските повици и користењето на Интернет. Тој верува дека ваквите програми го кршат правото на приватност на граѓаните.

Американски владини лица инситираат дека програмите не значат следење на содржината на телефонските разговори, туку само на метаподатоците, како на пример кога бил направен повикот, или кој број бил повикан. Властите исто така тврдат дека програмите спречиле нај малку 50 терористички напади низ цел свет од нападите во САД на 11-ти септември 2001-ва. Тие го товарат Сноуден дека со оддавањето на информации само ги намалил шансите за спречување на напади во иднина.
XS
SM
MD
LG