Линкови за пристапност

Русија отворено против членството на Македонија во НАТО


Москва смета дека Македонија и регионот ќе претрпат негативни последици ако државата влезе во НАТО. Премиерот Заев одговори дека иднината на Македонија е во НАТО.

СКОПЈЕ – Експертите се едногласни дека притисокот на Русија е за да се направи што е можно поголема конфузија и штета во регионот на сметка на ЕУ и Западот.

Русија нема никаков интерес во Македонија, а притисокот кој го врши е да се нанесе што е можно поголема штета на ЕУ и Западот, сметаат експертите по вчерашното официјално предупредување на руското МНР околу влезот на Македонија во Алијансата. Односите меѓу Македонија и Русија од ден во ден се заладуваат се` повеќе, а се почесто Скопје и Москва влегуваат во официјални сериозни кореспонденции преку соопштенија од министерствата за надворешни работи. Она што е јасно е дека оваа Влада предводена од СДСМ е прозападно насторена за разлика од нивните претходници кои на крајот се свртеа кон Москва.

Западот и Европа од една страна се во мини-студена војна со Русија веќе неколку години наназад, па затоа се користи секоја можна прилика да се внесе конфузија и да се дестабилизира некој регион на сметка на противникот, смета дипломатот и професор по меѓународни односи и Денко Малевски.

„Иако Македонија не е од особена важност за Русија, штетите можат да бидат сериозни и Русија да ги оствари своите повисоки цели виза-ви западните сили“, вели Малевски.

Сличен став има и аналитичарот Петар Арсовски околу односите Скопје - Москва.

„ Генерална стратегија на Русија е да ја комплицира ситуацијата во регионот. Таа има повеќе влијание во Грција и Србија отколку во Македонија. Затоа сега ги вклучи сите сериозни механизми. Партијата „Единствена Македонија“, и посетата на Дугин не се коинциденција“, изјави Арсовски.

Политиката на притисоци на Русија може да има позитивен ефект кога станува збор за Македонија бидејќи може да го забрза процесот за влез во Алијансата како и спорот со името, како директен одговор на Западот на провокациите од Москва, сметаат експертите.

„Македонија сега мора мудро да постапува. Заострувањето на односи со Русија на наша среќа може да го забрза процесот и приемот во НАТО. Македонија и регионот станаа безбедносен проблем на ЕУ и Западот и тоа секако дека влијае и на решението на спорот со името“, смета професорот Малевски.

Ставот на аналитичарот Арсовски е дека поголем притисок на Москва може да предизвика активирање на т.н. „булдожер дипломатија“.

„Забрзувањето на процесите околу решавањето на спорот со името и со тоа и прием во Алијансата ја испровоцира Русија. Посилен притисок ќе донесе посериозна реакција од ЕУ и НАТО. Едно е јасно, Македонија нема каде - освен во Алијансата“, вели Арсовски.

На изненадување на домашната јавност, неполни 48 часа по победата на Путин на претседателските избори официјална Москва се посвети на Македонија.

Македонскиот амбасадор во Русија, Гоце Карајованов, беше повикан во руското МНР каде заменикот министер за надворешни работи Александар Грушко му пренесе доста сериозна порака.

„На средбата беа разменети мислења за ситуацијата на Балканот. Од руска страна беа подвлечени негативните последици за регионалната безбедност и билатералните односи од плановите за присоединување на Македонија во НАТО“, стои во соопштението на руското МНР.

„На Македонија местото и` е во НАТО“, гласеше експресниот, но дипломатаски одговор на премиерот Зоран Заев.

Заладувањето на односите меѓу Скопје и Москва траат подолг период и се поклопуваат со разврската на политичката криза и падот на Владата која ја предводеше ВМРО - ДПМНЕ и Никола Груевски. Официјална Моска, отворено застана на страната на Груевски и го обвини Западот за учество во политичката криза.

„Под псевдодемократски слогани продолжува длабокото надворешно влијание врз политичките сили во Македонија. Целта е очигледна, западот да расчисти со македонските политичари, кои не му се омилени и покрај јасно изразената волја на граѓаните на изборите во полза на коалицијата „За подобра Македонија“ на чело со Никола Груевски и ДУИ на Али Ахмети“, гласеше тогашната реакцијата од руското МНР.

Кризата се продлабочи кон средината на минатата година по интервјуто за Блумберг на министерката за одбрана Радмила Шеќеринска во кое таа вели дека Македонија мора да влезе во НАТО за да се заштити од Русија.

„Влијанијата врз оваа стратешка цел, не се од помош и не се пријателски. Видовме некои истечени информации, уште пред Владата да биде избрана, за руски обиди да се влијае врз клучните политички и безбедносни области. И ние сме загрижени за тоа. Веруваме дека членството на Македонија во НАТО може да им стави крај на овие обиди“, изјави Шеќеринска за Блумберг.

Најголемото заладување на односите следуваше по интервјуто на премиерот Заев за црногорскиот медиум Антена М во кое тој изјави дека очекува жестока реакција од Русија кога ќе дојде време за нашиот влез во НАТО, но и дека добивал предупредувања за опасност од атентат.

Влезот на Русија во Македонија, преку капитал и политичко влијание почна пред десетина години преку компанијата „Лукоил“ како и бизнисменот Сергеј Самсоненко, сегашен почесен конзул на Федерацијата, кој ќе стане партнер со многу бизнисмени блиски до екс-премиерот Груевски и ВМРО - ДПМНЕ.

Заладувањето на односите на Владата на Груевски автоматски предизвика доближување со официјална Москва која отворено застана на страната на Груевски за време на протестите на „Шарената Револуција“ и во периодот по декемвриските избори во 2016 година.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG