Линкови за пристапност

„Изнајмување баби“ – начин за вработување постари работници


„Изнајмување баби“ – начин за вработување постари работници
„Изнајмување баби“ – начин за вработување постари работници

Една компанија, формирана од поранешен наставник, се фокусира на вработување постари жени во семејства кои имаат потреба од баба за децата.

Да пронајдете некој што ќе го чува вашето дете е стресна и макотрпна задача, особено за многу родители кои немаат роднини на кои може да им ги доверат децата, и немаат баба во близина што може да се најде во такви ситуации. Ана Мари Калдвел се снашла: изнајмила баба да се грижи за нејзините три деца додека не е дома.

„Таа е дел од семејството. Помага со готвење, чистење, со домашните задачи на децата, и си игра со нив“, објаснува Калдвел.

Калдвел ја нашла Џејн Мертес преку компанијата „Изнајмете дадилка“ со седиште во Лос Анџелес, за изнајмување на баби. Мертес вели дека ова е повеќе од работа за неа:

„Кога работите со деца имате одговорност и обврска да направите разлика во нивниот живот и можеби да ги научите нешто што нивните родители не можат или не знаат, или едноставно, да им дадете друга перспектива“.

Калдвел подвлекува дека искуството е тоа што овие изнајмени баби ги издвојува од бејбиситери кои обично се тинејџери: „Тие со себе носат многу знаење; самоуверени се во одлуките и не се деконцентрирани како што можат да бидат тинејџерите.“

Тод Плис е основач на компанијата, а идејата ја добил кога бил наставник во Холивуд: „Слушав хорор-приказни за тоа како бебиситерката за малку ќе ја запалела куќата заборавајќи ја вечерата на шпорет, или домашна помошничка која заспала и децата останале заклучени надвор од куќата“, се присетува на почетоците Тод.

Вакви приказни го поттикнале да го почне проектот „Изнајмување баба“.

Пред да ги најми, Плис детално ја испитува историјата на личноста што аплицира. Покрај чување деца, неговата компанија обезбедува и лица кои се грижат за домашни миленици и стари лица. Цената е од 14 до над 20 долари на час. Тој вели дека е преплавен од повици на жени кои сакаат да работат во фирмата:

„Економијата не е во добра состојба и тоа се чувствува. Постари жени ми се жалат дека не можат да најдат работа. Една, на пример, ми кажа дека живее во својот автомобил“, вели Плис.

Два милиони лица во САД над 55 годишна возраст се невработени. Од наставници до правници, вели Плис.

„Дали луѓето тоа јавно го кажуваат или не, се работи за дискриминација заради возраста. Тоа го знам зашто голем дел од овие жени се образовани, со децении искуство, во вистинскиот свет, не само за чување деца“, вели Пилс.

Побарувачката за овие дадилки е огромна. Плис вели секој, од било каде во светот, може да се регистрира на веб-страницата www.rentagrandma.com, за секој родител да најде баба што му одговара.

XS
SM
MD
LG