Линкови за пристапност

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска во САД


Од официјалните лица во Пентагон и во Стејт Департментот ќе побара новата американска администрација предводена од претседателот Бајден, да го задржи фокусот и интересот кон Балканот

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска од денеска престојува во неколкудневна посета на сојузникот и стратешкиот партнер на Северна Македонија - Соединетите Американски Држави.

Ова е трета работна посета на Шекеринска на Вашингтон и на Пентагон што претставува силна потврда дека односите и билатералната одбранбена соработка со САД го достигнаа својот историски максимум во овој период, и сигнал дека реформите и напредокот во одбраната се одразија позитивно на сојузничкиот капацитет на Северна Македонија како 30-та членка на НАТО, велат од Министерството за одбрана.

Во рамки на посетата, Шекеринска во Пентагон ќе се сретне со потсекретарот за одбрана на САД за политички прашања, Колин Кал и со помошничката на секретарот за одбрана, Лора Купер. Министерката ќе има средба и во Стејт Департментот, со помошникот државен секретар и прв човек на Бирото за политичко-воени прашања, Тимоти Алан Бетс.

Во соопштение, се наведува дека во Пентагон, Шекеринска ќе се обрати и на церемонијата за откривање на македонското знаме во холот на НАТО на која ќе присуствуваат претставници на Пентагон, и на американската амбасада во Северна Македонија.

Министерката Шекеринска ќе има средби и со началникот на Бирото на националната гарда, генералот Даниел Хокансон и командантот на Националната гарда на Вермонт, генерал – мајор Грегори Најт.

Во Вашингтон, делегацијата предводена од министерката Шекеринска ќе разговара и со директорката на Агенцијата за одбранбено-безбедносна соработка, Хајди Грант, а ќе ги посети и Националниот демократски институт и Националниот фонд за демократија, при што ќе има средба со поранешната државна секретарка на САД, Медлин Олбрајт и со претседателот на НДИ, Дерек Мичел.

При посетата на сојузната држава Вермонт, со чија Национална гарда, Армијата на Република Северна Македонија има исклучително богата и долга соработка, министерката ќе се сретне со гувернерот на Вермонт, Фил Скот, ќе ја посети базата на Воздухопловната национална гарда каде ќе се сретне со командантот на базата, полковникот Ендрју Шефчик, а ќе го посети и полигонот за планирање и операции.

Шекеринска во Вермонт ќе биде брифирана и во Оперативниот центар за итни случаи, каде ќе се запознае со начинот на кој оваа сојузна држава се справува со природните несреќи и катастрофи, вклучувајќи ги и пожарите.

При престојот во САД во главниот град, Шекеринска ќе оддаде почит и на Националните гробишта Арлингтон во близина на Вашингтон, каде ќе положи венец со свежо цвеќе на гробот на незнајниот војник.

Како што соопшти Министерството за одбрана, Шекеринска порача дека посетата ќе ја искористи да ги пренесе пораките кои се важни за Северна Македонија и уште еднаш да се потврди интензивното, стратешко партнерство и сојузништво помеѓу двете земји.

Шекеринска: Пријателите се познаваат во кризи
Шекеринска: Пријателите се познаваат во кризи

„Ова е прва посета на претставник на нашата Влада, Владата на Република Северна Македонија, на нашиот стратешки партнер, САД, по промената на администрацијата, односно по изборот на новиот американки претседател Бајден и затоа е многу важно што ќе имаме прилика на овие средби кај сите претставници и на Пентагон и на американскиот Стејт Департмент да ги испратиме за нас важните пораки. Првата таква порака е дека како држава, покажавме дека и по нашето членство во НАТО ние сме сојузник на кој и НАТО и Соединетите Американски Држави можат да сметаат“, рече министерката Шекеринска, а пренесува од министерството за одбрана.

Таа истакна дека соработката која до членството на Северна Македонија во Алијансата имаше една клучна цел – членството во НАТО, денеска влегува во нова фаза, каде двете земји како сојузници во Алијансата разговараат за теми кои се важни за земјите, но и за регионот и за светот.

Министерката порача дека од американските претставници во Пентагон и во Стејт Департментот ќе побара новата американска администрација предводена од претседателот Бајден да го задржи фокусот и интересот кон Балканот, како и дека ќе биде побарана и силна поддршка од САД за интензивирање на нашиот европски пат.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG