Дваесет и шесте години дипломатски односи помеѓу Северна Македонија и САД се карактеризираат со силни меѓусебни врски и релации на многу полиња, сметаат домашни аналитичари.
За поранешниот министер за надворешни работи, Антонио Милошоски, САД играат значајна улога во развојот на демократските процеси во земјава, пред се во однос на поставување повисоки стандарди во професионализација на институциите.
„Дваесет и шесте години од дипломатските односи со САД се карактеризираат со блиска билатерална соработка, која во 2008-ма година беше преточена во документ за стратешко партнерство. Сепак во македонско-американските односи засега повеќе доминира безбедносниот и политичкиот дел на соработката, а за жал економскиот и инвестицискиот дел се уште е далеку под потенцијалот на двете земји“, вели Милошоски за Гласот на Америка.
Тој смета дека односите помеѓу двете земји во наредните неколку години, треба да се насочат многу повеќе на економската соработка.
„Доколку во следниве неколку години се успее да се привлечат уште 3-4 посериозни американски инвестиции во Македонија, тогаш би можеле да кажеме дека стратешкото партнерство добило и поголема економска содржина од взаемен интерес“, вели Милошоски.
За Андреја Стојковски, извршен директор на Институтот „Преспа“, САД е стратешки партнер на Северна Македонија. Но вели, партнерството не е само поради потпишаниот меморандум, туку оти за тоа има повеќе причини.
„Ако ги користам податоците од последната Имиџ опсерваторија на Институтот „Преспа“, онаа за 2020 година, САД е еден од најголемите пријатели на државава, само ЕУ, Србија и Германија се препознаени како поголеми пријатели. САД е една од најголемите држави донатори на странска развојна помош во Северна Македонија. Низ изминатите 30 години, САД е еден од главните поддржувачи на демократската трансформација на државава, а го поддржува и градењето на институциите и јакнењето на нивните капацитети. САД вложува и во нашата безбедност, преку обезбедување на воена помош во опрема, а постои и стабилно партнерство за обука нашите војници. Исто така, САД вложува и во образованието на тој начин што обезбедува помош и упатува професорски, истражувачки и научен кадар на стручно доусовршување и професионален престој на универзитети таму“, вели Стојковски.
Стојковски додава дека според Имиџ опсерваторијата за 2020 година, повеќе од половината од македонските граѓани ја сметаат САД како пријател, партнер и соработник.
Пред 26 години, на 13 септември, Македонија и САД, официјално воспоставија дипломатски односи, кога претседател на Соединетите Американски Држави, Вилијам Ј. Клинтон ја објави коресподенцијата со претседателот на Република Македонија, Киро Глигоров со која се потврдува одлуката на САД за воспоставување дипломатски односи меѓу двете земји, само две години по отворањето на Канцеларијата за врски на Америка во Скопје.
„САД и Северна Македонија, со меѓусебната почит како стратешки партнери, се посветени на заедничките заложби и вредности за безбедност, слобода и демократски просперитет во регионот, како и на заедничките активности во борбата против тероризмот и против другите закани за мирот ширум светот“, вели премиерот Зоран Заев
Со полноправно членство на земјава во НАТО, пријателството со САД доби нова димензија во зајакнувањето на безбедноста, слободата и демократскиот просперитет на Република Северна Македонија и во целиот регион, напиша Заев на Фејсбук.
„Огромна е поддршката на САД и преку донациите доделени преку различните проекти и програми на УСАИД во Северна Македонија. Таа поддршка ја покажува длабоката почит на САД за Северна Македонија, која за нас е исклучително важна и во спроведувањето на нашата агенда за реформи“, вели Заев.
По повод 26 години, дипломатски врски премиерот Заев се сретна и со Амбасадорката на САД, Кејт Мери Брнз. На средбата било заклучено дека двете земји, продолжуваат да ги продлабочуваат меѓусебните односи и соработка, како и застапување и афирмацијата на заедничките вредности во НАТО.
„Амбасадорката Брнз се заблагодари за поддршката на Република Северна Македонија во прифаќањето на граѓаните на Авганистан и нагласи дека гестот на нашата земја е силна порака како постапува земја сојузник и членка на НАТО“, велат од Влада.
Се разговарало и за соработката меѓу двете земји на економски план, при што бил поздравен интересот на американските компании да бидат дел од процесите за транзицијата од фосилни кон обновливите извори на енергија. Инаку само УСАИД, досега има вложено 850 милиони долари во земјава, додека вкупната помош е многу поголема.