Линкови за пристапност

До една милијарда луѓе во опасност од крајна сиромаштија


Според извештајот на Институтот за развој во странство и Советодавната мрежа за хронична сиромаштија

Невработеноста, лошото здравство, високите цени на храната, судирите и природните кататсрофи - ова се факторите што може ги турнат луѓето во сиромаштија, дефинирана како преживување со по 1,25 долари дневно.

Британската истражувачка организација Институт за развој во странство и меѓународната Советодавната мрежа за хронична сиромаштија деновиве објавија извештај за проблемот.

„Луѓето запаѓаат во сиромаштија и излегуваат од неа. Но, кога ќе излезат, во опасност се повторно да западнат во неа“, вели директорот на Мрежата, Ендрју Шепард.

Тој дефинира три нивоа на сиромаштија на кои мора да се одговори: „Може да бидете сиромашен цел живот, хронично сиромашен. Гледано генерално, политиката на бробата против сиромаштијата досега нема добар ефект во оваа смисла. Може да осиромашите. Политиката подобро се справува со ова за разлика од пред 10 години, но допрва треба да постигнат резултати, особено во Африка, но и во Азија. И трето, кога ќе излезете од сиромаштија, треба да појдете по нагорна линија, треба да внимавате бидејќи повторно може да западнете во сиромаштија“.

Според „Третиот извештај за хроничната сиромаштија“, во 2010-та 1,2 милијарди луѓе живееле во екстремна сиромаштија. Во споредба со 1990-та, бројот опаднал за 700 милиони. Шепард коментира - добра вест, но позитивниот тренд можеби нема да продолжи: „Лицата што се хронично сиромашни, остануваат во таа состојба од бројни причини што мошне тешко се надминуваат. На пример, дискриминацијата; некои држави имаат добра политика против дискриминацијата, но некои немаат или не ја имплементирале“.

Извештајот препорачува три начини сиромаштијата да се сведе - на нула.

„Првиот е обезбедување на одредена сума на пари во готово, што ќе обезбеди одреден вид на гаранција од несакана финансиска ситуација. Вториот е обемно инвестирање во образованието, што ќе им помогне на луѓето да излезат од сиромаштијата“, вели Шепард.

Тој го нарекува третиот начин „проекономски растеж за најсиромашните“.

„Потребни се работни места. Тие може да бидат во областа на земјодеството, но и во други сфери, но такви за да обезбедат барем минимална плата“, додава Шепард.

Извештајот ги повикува државите да имаат сеопфатна здравствена заштита и добра политика на проценка на ризикот од катастрофи, за да бидат подготвени за екстремни временски непогоди, на пример. Истовремено, тој предвидува дека меѓународната помош ќе биде од исклучително значење за земјите со ниски примања, но дека многу малку донатори покажале интерес да се справат со хроничната сиромаштија. Според анализата во извештајот, 44 држави во светот трошат помалку од 500 долари по лице годишно, како и дека 19 од нив нема да чинат повеќе до 2030-та.

Шепард укажува дека успешни приказни изминатите години во намалување на сиромаштијата се Кина, Виетнам, Бразил, Етиопија, Непал и Бангладеш.

Хроничната сиромаштија и борбата против неа ќе бидат тема кога меѓународната заедница ќе разгледа што да прави понатаму по заокружувањето на програмата Милениумски развојни цели, што завршува наредната година.
XS
SM
MD
LG