Линкови за пристапност

Македонија: ако не се одржат избори на 24-ти април, не важи договорот од Пржино


Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ бараат цврсти гаранции дека нема да се пролонгираат и дека ќе се одржат на договорениот термин

„На чело на новата влада ќе биде новиот премиер номиниран од ВМРО-ДПМНЕ. Новата влада ќе има мандат до предвремените парламентарни избори“, се вели во Договорот Пржино, што на 15 јули го потпишаа лидерите на четирите најголеми парламентарни партии, владеачките ВМРО – ДПМНЕ и ДУИ, и опозициските ДПА и СДСМ.

Но, сега веќе не е извесно дека ќе биде испочитувана договорната обврска – до 15 јануари да биде инаугурирана новата македонска влада. По најавите дека освен европратениците Вајгл, Кукан и Ховит, во Скопје на 14 и 15 јануари ќе допатува и еврокомесарот Јоханес Хан, денес низ медиумите главна тема е дека е наводно, веќе извесно оти премиерот во заминување Никола Груевски, лидер на ВМРО-ДПМНЕ, сепак нема да се повлече веднаш по православниот Божиќ и дека нема да ја отстапи функцијата на друг сопартиец или на непартиска личност - избор на ВМРО-ДПМНЕ, пред посетата на Хан. Односно, се додека не добие цврсти гаранции дека изборите нема да се пролонгираат и дека ќе се одржат на договорениот термин - 24 април.

Паралелно со медиумските шпекулации дека е можно изборите да се презакажат на 26 јуни или целосно да се откажат, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Иво Котевски, изјави дека „ако нема избори на 24 април, тогаш не важи ниту Договорот од Пржино“

Иако роковите од Договорот се пробиени, не е почнато со реформите во медиумската сфера и ДИК да ги почнала обврските за Избирачкиот список, односно не се спроведени барањата за реформи од извештајот на Прибе, а блокирана е и работата на Анкетната комисија, според ВМРО-ДПМНЕ, тие како партија на власт ги исполниле сите обврски од Пржино, и ќе ја чекаат посетата на еврокомесарот.

Официјални информации за медиумите – нема, а нема дури ни неофицијални брифинзи. Неофицијално, и премиерот Груевски чекал гаранција од меѓународната заедница дека изборите ќе се одржат на 24 април, за да поднесе оставка. Лидерот на опозицијата Зоран Заев постојано потенцира дека за СДСМ е најважно изборите да бидат фер и демократски, а опозицијата инсистира на способноста на ДИК, и со новонабавениот софтвер да се проверат над 1.700.000 гласачи и тврди дека нема да оди „на уште едни криминални избори“.

До вчера, до кога во медиумите уште се шпекулираше за името на можниот налелдник на Груевски на премиерската функција, во јавноста се „вртеа“ неколку имиња. Веќе како да е подзаборавен до неодамна спомнуваниот министер за одбрана Зоран Јолевски, па најмногу се типуваше на имињата на министрите за здравство Никола Тодоров, и за надворешни работи Никола Поповски, како и на пратеникот Антонио Милошоски. Со оглед на бројните контроверзи поврзани со името на Тодоров, интерпелациите и барањата за негова оставка, и неофицијалните најави дека Попоски ќе се повлече од политиката, се чини, дека доколку Груевски воопшто поднесе оставка, ВМРО-ДПМНЕ ќе одлучува меѓу Милошоски и непартиски кандидат чие име засега се чува во тајност.

XS
SM
MD
LG