Линкови за пристапност

Ретроспектива: Македонија во 2015-та


Ретроспектива: Македонија во 2015-та
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:57 0:00

Ретроспектива: Македонија во 2015-та

Годината ја одбележа длабоката политичка нестабилност и меѓупартиските преговори кои финишираа со Договорот од Пржино

2015-тата започна како што заврши претходната 2014. Со протести на студентите кои на 11 февруари прогласија автономна територија на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, со слоганот „Не сте свесни колку сме бесни!“. И додека студентите за своите протести добија широка поддршка, дури и од странство, и во текот на февруари организираа и протестни концерти во универзитетскиот комплекс, нивните идни колеги, средношколците, на улиците извикуваа „Ова не е матура, ова е тортура!“ И, продолжија со барањата за запирање на, според нив, лошите реформи и на експериментите во образованието. Откако, на 19 март Средношколскиот пенум ги собра незадоволните ученици пред Министерството за образование и наука со слоганот „Сега ќе не слушнете!“, во април средношколците го организираа протестниот камп, бојкотирајќи ја наставата и останувајќи со денови во шатори пред Министерството. Учениците протестираа и пред Владата во мај, а со слоганот „Борбата продолжува“ и во октомври маршираа од Министерството преку Владата до Собранието, барајќи исполнување на нивните барања за контроверзното екстерно тестирање. Иако по протестите и бојкотот, на средношколците им беше ветена ревизија на екстерното тестирање и промени во неговото спроведување, по ова прашање досега ништо не е сторено, а ресорниот министер Абдулаќим Адеми изјави за медиумите дека веќе во јнауари матурантите ќе полагаат екстерно, и дека иако се почнати активностите за нов модел, тој не очекува измени на концептот.

Покрај незадоволството на младите, во мај се организираа два масовни протеста пред Владата, првиот - против актуелната власт, со слоганот „Грујо, оди си!“ и вториот –против полициска бруталност со слоганот „Нема правда нема мир!, како и два големи митинга на опозицикиата и на власта.

,Повеќегодишната длабока политичка криза доби шанса за надминување со Договорот во Пржино што на два пати, на 2 јуни и 15 јули, го потпишаа лидерите на четирите најголеми парлемнтарни партии Никола Груевски (ВМРО-ДПМНЕ), Зоран Заев (СДСМ), Али Ахмети (ДУИ) и Мендух Тачи (ДПА), со посредство на претставниците на меѓународната задница, еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан и европратениците Иво Вајгл, Ричард Ховит и Едвард Кукан. За жал, по првичниот оптимизам, почнаа опструкциите и пробивањата на договорените реокови. .Според лидерот на ДПА Мендух Тачи, изборите закажани за 24 април, кои произлегуваат од договорот, ќе се спроведат, но голем дел од обврските што ги доворија политичките партии нема да се имплементираат, зашто роковите предвидени за реализација на точките од политичкиот договор се веќе пробиени,

Според дел од медиумите на албански јазик и комесарот Хан им напишал писмо на четворицата лидери, изразувајќи загриженост за застојот на имплементацијата на договореното, а наводно, поради застојот, се најавува и посета на Хан на Скопје веќе во првата половина на јануари.

И премиерот Никола Груевски потврди дека најдоцна до 15 јануари ќе поднесе оставка и со тоа ќе се формира нова, преодна влада, како што е договорено во Пржино. Со таквиот чекор, Груевски кој е премиер од 27 август 2006 година, по девет и пол години ќе ја напушти функцијата, но се уште нема информации кој ќе биде неговиот наследник, иако се шпекулираше во медиумите со имињата на министерот за одбрана, Зоран Јолевски, министерот за надворешни работи Никола Попоски, министерот за финансии, Зоран Ставрески, пратеникот Антонио Милошоски, и министерот за здравство, Никола Тодоров

Од договорените обврски во Пржино, неисполнети се оние за реформа на медиумите, кои се клучна точка во демократизација на општеството, а нема ни најави дали преговорите ќе продолжат по Нова година со евентуалното враќање на европскиот посредник Питер Ванхауте.,

Македонија со месеци, со променлив успех се справува со бегалската криза. Речиси 360.000 бегалци од воените подрачја и економски мигранти, влегуваа во Македонија кај Гевгелија, патуваа пеш, со автобуси, такси возила и возови и преку преминот Табановце заминуваа за Србија и потоа кон земјите на Западна Европа. Годинава завршува со преполнетиот камп „Винојуг“ во Гевгелија, каде повторно има застој при транзитирањето на бегалциите, поради штрајкот на гевгелиските таксисти кои прават блокади, барајќи свој дел од колачот околу организираниот транспортот.

Во прифатните центри за бегалците во Гевгелија и Табановце, конечно проработело и греењето, но активистите на терен предупредуваат дека условите се уште се тешки поради ниските температури, особено навечер. Има недостиг на топла облека и обувки. Од Црвениот крст на Република Македонија соопштуваат дека 11 мобилни тимови со вкупно 206 членови се на терен 24 часа дневно.

Според Управувачкиот комитет за координација и управување при МВР, полициски службеници од Хрватска веќе патролираат на македонско - грчката граница, и Србија испратила полицајци, веќе од наредната недела се очекува да пристигнат и тимови од Унгарија и Словенија, од почетокот на февруари се очекуваат полициски службеници и од Чешката Република. Чешката влада донела одлука за испраќање на 25 полицајци во Македонија за да помогнат со миграциската криза, а ќе донира и 770 илјади евра парична помош.

Во транзитниот центар во Гевгелија е поставена опремата за биометрискo регистрирање на бегалците за брза и целосна идентификација на лицата кои транзитираат низ Македонија.

XS
SM
MD
LG