Линкови за пристапност

САД нема да престанат со нападите со беспилотни летала


Пакистан бара прекин на употреба на овие летала за напади на нивна територија; Конгресот ги отфрли повиците.

Во вторникот, пакистанска владина комисија бараше прекин на американските воени напади изведувани со беспилотни летала контролирани со далечински управувачи. Гласот на Америка го праша независниот сенаторот Џо Либерман дали САД би ги исполниле барањата на Пакистан.

„Не, нападите со беспилотните летала се особено важни за американската национална безбедност. Убеден сум дека тие не треба да прекинат“, изјави овој сенатор.

Цели на овие напади се терористи и радикални милитанти на пакистанска територија во близина на граница со Авганистан. Програмата започна уште за време на претседателствувањето на Џорџ Буш постариот и драстично се интензивира за време на мандатот на претседателот Барак Обама.

Во извештај на пакистанска владина комисија доставена до пакистанскиот парламент, се наведува дека нападите со беспилотни летала се контрапродуктивни, дека го радикализираат локалното население, креираат поддршка за терористите и поттикнуваат анти-американско расположение.

Но, сенаторката од Демократската партија Дајен Фаинстајн, која претседава со сенатската Комисија за разузнавање, вели дека нападите со беспилотни летала се потребни за да се интензивираат напорите на Пакистан за искоренување на терористите и радикалните милитанти.

„Мислам дека клучот е дали Пакистан би пошол во Северен Вазиристан и други места за да ги собори терористичките лидери кои поттикнуваат и предводат напади против нашите трупи во Авганистан. Сметам дека тоа е клучно прашање, дали Пакистан би презел акција за да ја запре работата на фабриките за производство на бомби, па дури тогаш би рекла дека нападите со беспилотни летала би биле непотребни“, изјави сенаторката.

Пакистан веќе подолго време се жали дека овие напади се прекршување на националниот суверенитет. Иако оваа земја досега нема дадено на САД официјална дозвола за употреба на беспилотните летала, се верува дека нападите се изведуват со одредено ниво на соработка со пакистанското разузнавање.

Ова е републиканскиот сенатор Линдзи Грем:

„Верувам дека суверенитетот е големо прашање за оваа земја, но би сакал да видам дали Пакистан ја поддржува идејата за осуда на екстремизмот. Денот кога владата ќе им каже на екстремистите дека не се добредојдени – ќе значи пресврт за пакистанскиот народ“, вели сенаторот Греам.

Тој додаде дека нападите со беспилотни летала се ефикасни и како што кажа, „не е во долгорочен интерес на Пакистан, светот да го гледа како засолниште за терористите.“

XS
SM
MD
LG