Сјај, раскош, гламур, ѕвезди, продуценти, сценаристи, од сите ролји од светот на филмот, собрани на едно место, за најпрестижниот настан во годината, 92-то издание на Оскарите во Холивуд, Лос Анџелес. Таква беше атмосферата во театарот Долби.
Македонскиот документарен филм „Медена земја“ на режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов не освои Оскар, иако претходно, доби две номинации, за најдобар документарец и за најдобар странски филм. Ова е прв македонски филм со претходни две номинации за Оскар, со што „Медена земја“ испиша историја во македонската кинематографија.
Позначајни победници на Оскарите, 2020-та -
За најдобар филм: („Паразит“).
Во најдобра режија, Бонг Џун Хо („Паразит“).
За најдобра женска улога - Рене Зелвегер („Џуди“).
За најдобра машка улога - Хоакин Феникс („Џокер“).
За најдобра споредна женска улога - Лора Дерн („Брачна приказна“).
За најдобра споредна машка улога - Бред Пит („Беше еднаш во Холивуд“).
За најдобар документарец, („Американска фабрика“).
За најдобар странски филм – („Паразит“).
Втора година по ред, церемонијата на доделување, немаше водител. „Оскарот“ се доделуваше во 24 категории. Меѓу презентерите, на мега-настанот, беа Џејмс Кордин, Дијана Китон, Стив Мартин, Киану Ривс, Вил Фарел, Сигурни Вивер. Инаку, Најдолгото ТВ шоу било во 2002-та, траело 4 часа и 23 минути, а накраткото е во 1959-та, само еден час и 40 минути. На првата манифестација на Оскарите, влезницата чинела 5 долари. Денес, се влегува, само со покана. Преносот почна околу 2 часот полноќ, средноевропско време, според закажаното. Претседателката на ТВ-мрежата Еј-Би-Си, Кери Берк, изјави дека „преносот се фокусира на она што добро функционираше и лани - добра забава, врвни музички настапи и многу комедија, и ѕвезди“. Церемонијата телевизиски се пренесуваше во повеќе од 225 земји низ светот, и ја гледаа милиони гледачи.
Да потсетиме, прв пат, во речиси вековната историјата на Оскарите, еден филм беше номиниран во иста година во категоријата најдобар документарец и најдобар филм од неанглиско говорно подрачје. И тоа е фактографски податок. „Медена земја“ ќе остане запаметен со огромен импакт врз пребирливиот, истенчен вкус на Американската филмска академија. Филм за Атиџе Муратова, последната жена-одгледувач на диви пчели во Европа, која живее сама со мајка си, во зафрлено овчеполско село Бекирлија и која медот го собира по принципот пола-пола – пола за неа, пола за пчелите. Главната идеја, да се прикаже припадноста на човекот кон природата и нарушување на природната рамнотежа преку судир на два различни начина на искористување на природните ресурси.
Претходно, и американската асоцијација на кинематографи (ASC), ги додели наградите на најдобрите, на 34-то издание на манифестацијата која се одржа во театарот Долби во Лос Анџелес. За прв пат, оваа година се додели наградата за најдобар документарец, за Фејми Даут и Самир Љума со „Медена земја“.
Од екипата на „Медена земја“, се надеваат, дека ова е сигнал за уривање на старите граници. „Добра приказна е добра приказна, без оглед од каде доаѓа. Најважно е дека ќе можеме да ја видиме“, истакна Котевска. „Номинацијата на „Медена земја“ во две категории само покажува дека филмската форма се менува. Жанрот во Холивуд веќе не е толку важен, туку слободното раскажување на приказната, велат критичари во Холивуд со кои разговараше Гласот на Америка.
Инаку, екипата го снимаше документарецот во текот на три години. Победата на филмот на Санденс и огромниот успех на светските фестивали каде во текот на 2019-та собра 40-на награди, го измени од корен животот на протагонистката Атиџе Муратова, на која екипата ѝ изгради куќа во велешкото село Дурфулија.
Претходно, „Пред дождот“ на Милчо Манчевски беше единствениот македонски филм кој добил номинација за Оскар, во 1995-та.
Неколку интересни моменти од Црвениот ќилим – секоја статуетка, со популарен прекар, Оскар, чини 500 долари и тежи околу 3,8 килограми и има 30-тина сантиметри, изработен е од бронза, со 24-каратно злато. Компанијата Овенс од Чикаго ги изработува една година пред денешната гламурозна манифестација. Специјално изработениот црвен ќилим во должина од 500 метри е наместен пред три дена, согласно традицијата. Обвиткан е со пластична заштитна фолија, која се отстранува само неколку часа, пред почетокот на пристигнувањето на првите холивудски ѕвезди. Од 1929-та, досега, се доделени повеќе од 3100 Оскари.
Патот на „Медена Земја“
Медена земја“ во 2017-та на Сараевскиот филмски фестивал ја освои највредната парична награда за поддршка на проекти – 30.000 евра од Турската национална телевизија (ТРТ). Снимањето почна во 2015-та, во рамки на Програмата за зачувување на природата во Македонија, проект на Швајцарската агенција за развој и соработка во координација со „Фармахем“. Филмот доби и грант од 25.000 долари од Фондот за документарни филмови на Меѓународниот фестивал Сан Франциско, а од Агенцијата за филм на Македонија доби 3 милиони денари (околу 50.000 евра).
Интересни факти за Оскарите
Дали сте знаеле дека една холивудска легенда вели дека - прекарот за престижните статуетки Оскар, доаѓа од библиотекарката во Академијата Маргарет Херик, која подоцна станала извршна директорка, и кога прв пат ја видела статуетка и заличила на нејзиниот вујко Оскар!
На Оскарот е насликан витез кој држи крстоносен меч на филмска лента со симболика, коja се однесува на петте оригинални гранки на Академијата - актери, режисери, продуценти, техничари и сценаристи.Што има на Оскарот?
Кој има најмногу номинации за Оскарите?
Актерката Мерил Стрип има најмногу номинации досега – 21. Но, најмногу Оскари во историјата на оваа престижна статуетка има освоено Волт Дизни, 22, како и четири дополнителни почесни награди.
Најмлад освојувач на Оскар била шестгодишната Ширли Темпл во 1935-та, иако тоа била почесна награда вон тогашните категории и немала натпреварувачки карактер.
Најмладa личност којашто освоила Оскар во долгогодишната историја на Академијата е Тејтум О’ Нил, и тоа за придружна улога во „Paper Moon“ во 1974.
Највозрасен освојувач на Оскар е Кристофер Пламер. Доби Оскар за придружна улога во Beginners на 82 годишна возраст во 2012-та.
Facebook Forum