Линкови за пристапност

Иднината на „милениумците“


Од серијата „Само во Америка“ – брзо разбираат, но дали и длабоко?

За младите луѓе едно време се употребуваа термините Генерација – „X“ и Генерација – „Y“. Во денешно време актуелна е кованицата „милениумци“, бидејќи тие се родени во годините пред и по настапувањето на новото илјадалетие. Младата генерација денес се нарекува и „постојано вклучена“, бидејќи се во постојан контакт меѓу себе преку мобилните телефони и други направи.

Универзитетот Илон во сојузната држава Северна Каролина и Проектот Пју - Интернет и американскиот живот, објавија студија за „милениумците“ и нивната иднина, базирана на разговорите со преку 1.000 стручњаци за современата технологија, научници и професори. Резултатите покажуваат дека младите Американци денес се хипер-поврзани. Тоа може да биде добро, но и лошо за нивната иднина.

Добрата страна е што „милениумците“ се остроумни, брзи и способни да извршуваат неколку задачи истовремено; на проблемите им пристапуваат со свежа глава и имаат речиси волшебна способност брзо да процесираат низ информациите, увидувајќи што е битно, а што не е.

Но, стручњаците ја наведуваат и лошата страна: стравуваат дека „постојано вклучената“ генерација е наклонета кон инстант-задоволство и брзи решенија за проблемите, дека лесно го губи трпението и дека и` недостига капацитет за подлабоко размислување. Ваквите констатации најверојатно нема да ги изненадат родителите на „милениумците“, кои од прва рака знаат за молскавичната брзина со која пребаруваат по Интернет, комуницираат, реагираат...

Ли Раини, директорот на Проектот Пју на сево ова коментира дека постои и реална загриженост дека не сите млади луѓе ги краси одликата на генерацијата – извонредната способност за комуникација преку новите медиуми. Тој стравува дека тоа може да доведе до „нови општествени и економски поделби“ меѓу Американците, на оние кои без проблем можат да ракуваат со најновите високотехнолошки измислици, и оние кои не можат.

XS
SM
MD
LG