Линкови за пристапност

Њујорк - десет години подоцна


Њујорк - десет години подоцна
Њујорк - десет години подоцна

Во деценијата по терористичките напади од 11-ти 2001-ва, Њујорк се соочил со други терористички заговори, но и со економски предизвици. Градот продолжува да се обновува и да привлекува нови жители, но и повеќе од 40 милиони туристи годишно. Њујорчаните сакаат за себе да мислат дека се особено отпорни.

Њујорк изгледа исто како и пред 10 години. Преполни улици, сообраќаен метеж, туристи. Центарот на градот расте. Новиот облакодер на Светскиот трговски центар го враќа животот дури и на Граунд зеро. За многу Њујоркчани, дури и психичките лузни од 11-ти септември се залечени.

Адам Силс е професор по англиски кој живее во Бруклин. Вели дека нападите не го измениле фундаментално градот.

„Ако ништо друго, во одредена мерка е потврден имиџот на градот што отсекогаш го имал, како цврст и отпорен, дека може да се справи со големи предизвици. Граѓаните од Њујорк имаат огромен потенцијал не само да се справат, туку и да ги надраснат работите“.

Сопругата на Силс, Џен Џафи, вели дека ретко помислува на 11-ти септември, иако знае дека Њујорк и натаму останува мета за терористите. Тие имаат едногодишен син и се среќни во нивното предградие Бруклин со етнички мешан состав на жители:

„Ги сакам луѓето. Сакам да ги слушам сите тие различни јазици на улица“, вели Џафи.

„Интересно е што Њујорк поинаку одговори на 11-ти септември отколку остатокот од земјата“, вели професорот по психологија Џорџ Бонано од Универзитетот Колумбија, кој ја проучувал тагата и колективната траума. Неговото истражување покажало дека Њујорчани побрзо се опоравиле отколку другите Американци:

„Ако се има предвид како остатокот од земјата тоа го преживеа и општиот стрес во САД по 11-ти септември, со Њујорк тоа не беше случај“, вели овој професор по психологија.

Сепак, некои Њујорчани и натаму живеат со траумите од 11-ти септември. Јуделка Сипида живее во Бронкс:

„Кога ќе се навратам на фотографиите од 11-ти септември 2001-ва, ми навираат солзи, срцето ми е скршено“, вели таа.

Сипида вели дека се` уште го сака да животот во Њујорк, но не се чувствува безбедна, особено во подземната железница. Би била многу посмирена ако нејзината 13-годишна ќерка не оди на училиште со воз.

За други, пак, нема простор за грижа. Адам Силс вели дека бракот и татковството уште повеќе го врзале за Њујорк.

И тој не е сам со ваков став. Се очекува еден милион луѓе да се доселат во Њујорк во следните 20 години. Тие ќе бидат дел од Големото јаболко, град кој 10 години по најголемата катастрофа во неговата историја, живее повеќе во денешницата и за иднината, отколку во минатото.

XS
SM
MD
LG