Линкови за пристапност

„Република Северна Македонија“, македонски јазик и македонски идентитет, за севкупна употреба


Грчките медиуми утрово објавија дека договорот е постигнат меѓу премиерите Заев и Ципрас и треба да се официјализира по телефонскиот разговор во текот на денот. Потпишувањето на договорот би требало да се случи викендов во Преспа

„Република Северна Македонија“ (Republic of North Macedonia на англиски) за севкупна употреба е новото име кое е договорено од премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас, пренесуваат грчките медиуми. Според радиото „Њуз24/7“, пренесени од провладината „Ефемерида“, двајцата премиери ги договориле и одредниците за „македонски јазик“ и „македонски државјанин“, а во македонскиот устав нема да има референци за заштита на македонските малцинства надвор од границите.

Во договорот, македонскиот јазик е признат, со забелешка дека Северна Македонија признава во договорот дека јазикот е со словенско потекло. За националноста, ќе стои терминот „македонска/граѓанин на Република Северна Македонија“, исто така, со забелешка дека граѓаните на земјата не се поврзани со античка Македонија.

Договорот предвидува уставни измени, а според грчките медиуми од Уставот ќе треба да се избрише членот кој предвидува грижа за „македонското малцинство“ надвор од границите на државата.

Во грчката јавност се шпекулира дека вториот телефонски разговор меѓу Заев и Ципрас ќе се случи подоцна попладнево, бидејќи се очекува во него да се вклучи и медијаторот Метју Нимиц. По разговорот со Заев и Нимиц, Ципрас ќе ги информира лидерите на политичките партии во земјата и претседателот Прокопис Павлопулос. Веднаш потоа, Ципрас ќе објави проглас за договорот кој ќе го потпишат со Заев во Преспа, најверојатно во текот на претстојниот викенд.

Од македонската Влада засега нема никакви потврда или коментари околу информациите објавени во грчките медиуми.

Премиерот Заев во вчерашното гостување на телевизија Телма, рече дека соопштувањето околу постигнатиот договор треба да го направат двајцата премиери истовремено.

Според грчките медиуми текот на настаните по потпишувањето на договорот делумно се поклопуваат со најавите на премиерот Заев.

Договорот веднаш ќе оди на ратификација во македонскиот Парламент, а доколку претседателот Иванов одбие да го потпише, ќе следува второ гласање. По ратификацијата, грчката влада писмено ќе ги информира ЕУ и НАТО дека охрабрува почеток на преговори со ЕУ и добивање покана за членство во Алијансата, откако ќе се извршат уставни промени. Грција, на Самитот на ЕУ, ќе бара да и биде даден позитивен сигнал на Македонија, и покрај противењето на Франција и Холандија, но со поддршка на Германија. На НАТО самитот на 11 јули во Брисел „Република Северна Македонија“ ќе добие покана за членство во НАТО која ќе зависи од уставната ревизија. Македонската Влада писмено ќе ги информира сите 190 држави членки на ОН дека земјата во иднина ќе го користи името „Република Северна Македонија“ во билатералните односи и во меѓународните форуми. Потоа следува референдумот на која граѓаните треба да се изјаснат околу промена на името, а кој според најавите на премиерот Заев треба да се одржи кон крајот на септември или почетокот на октомври.

На крајот, договорот ќе биде ратификуван и во грчкиот Парламент.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG