Линкови за пристапност

Десет години подоцна – кај муслиманите негативна перцепција за Америка


Десет години подоцна – кај муслиманите негативна перцепција за Америка
Десет години подоцна – кај муслиманите негативна перцепција за Америка

Минаа десет години откако исламски терористи ги нападнаа САД и го фокусираа светското внимание на американскиот однос кон муслиманскиот свет. Повеќето муслимани во светот ги осудија терористичките напади на САД од 11-ти септември 2011-та. Но многумина сметаат дека дека одговорот на Вашингтон на теророт е дури полош.

Стивен Кал, директор на програмата International Policy Attitudes на Универзитетот на Мериленд, извел голем број истражувања на јавно мислење во држави каде има мнозинство муслиманско население. Тој вели дека и пред 11-ти септември имало негативно расположение спрема САД базирано делумно на американската поддршка на Израел, но тоа не било цврсто формирано. Војните што уследија во Авганистан и Ирак и воената интервенција на НАТО во Либија, како и претпоставената поддршка за авторитарните режими кои ја искористиле заканата од ал-Каида за угнетување на дисидентите, според Кал, само придонело за зацврстување на нивните гледишта.

Додека многумина муслимани се восхитуваат на американските демократски вредности, Кал вели дека денеска преовладува негативно гледање на Америка во повеќето држави со мнозинско муслиманско население:

„Има лоша Америка што не живее секогаш според тие вредности и на која се гледа како на непријателска спрема исламот, подготвена да употреби воена сила без оглед на меѓународното право и непромовирајќи демократија“.

Есам Ел-Ериан е лидер на конзервативното Муслиманско братство во Египет, група што некогаш била забранета заради спротивставување на режимот на Хосни Мубарак. Тој тврди дека американските воени операции убиваат повеќе луѓе отколку исламските терористи и дека користињето сила за донесување стабилност и наметнување демократија во муслимански држави е грешка.

„Поразени во Авганистан, да. Тие не успеаа да ја реконструираат нацијата. Поразени во Ирак, да. Тие не успеаа да изградат модел на демократија“

Анкетите покажуваат дека напорите на претседателот Барак Обама да се ангажира муслиманскиот свет имале мало влијание на расположението.

Но, Индонезија е редок исклучок, каде се` уште има позитивен однос кон САД. Фактот што претседателот Обама таму живеел како дете, тоа што државата минала низ значаен демократски напредок и дека претрпела терористички напади на свое тло, може да се смета за причина за ваков однос.

Но, и покрај тоа, гласноговорно малцинство во Индонезија е против американската воена политика и американските врски со Израел.

Минатата година израелски напад на флота на мировни активисти предизвика протести во Џакарта. Студентот на Индонезискиот факултет Сахид Сундана, вели дека претседателот Обама исто така треба да се обвинува за израелската акција.

Тој смета дека американскиот претседател треба да го спречи Израел од ваков вид на акции, а не да го покрива и заштитува.

Многумина муслимани се лути за, како што велат, недоволна чувствителност на САД за исламот. Во мај, откако американските сили го убија Осама Бин Ладен, некои муслимански свештеници ги критикуваа САД – не заради убиство на терористичкиот лидер, туку заради неговиот закоп во море, што е против нивната интерпретација на исламското учење.

Во Тунис, каде започна движењето Арапска пролет, многумина велат дека Вашингтон дал малку поддршка за продемократските групи. Но, други, на улиците на Тунис мислат дека американската политика сега се менува на подобро.

Кал вели дека додека САД продолжуваат да ги повлекуваат трупите од Ирак и Авганистан, и ако има некаков напредок меѓу Израелците и Палестинците -- муслиманскиот поглед на Америка најверојатно ќе се подобри. Но, ако Вашингтон сака да го поддржи развојот на демократија во светот, тој вели дека мора исто така да работи и со Муслиманското братство и други исламски групи.

Државната секретарка Хилари Клинтон индицираше дека Вашингтон е подготвен да преземе чекор во таа насока, но Ел-Ериан вели дека до сега немало таков контакт.

Десет години минаа од терористичките напади на 11 септември, 2001-ва, но на муслиманскиот поглед на САД треба уште многу да се работи.

XS
SM
MD
LG