Линкови за пристапност

Противракетен штит во Европа без Чешка


Противракетен штит во Европа без Чешка
Противракетен штит во Европа без Чешка

Чешката Република одлучи да не учествува во американскиот систем за одбрана од балистички проектили во Европа

Планот на САД за распоредување противракетен штит во Европа претрпе неколку промени во изминатите години.

Првичниот план на администрацијата на претходниот претседател Џорџ Буш предвидуваше распоредување на 10 пресретнувачи на проектили во Полска и радарска постројка во Чешка. Проектот беше замислен како одговор на заканата од балистички проектили од Иран со долг дострел.

Но, администрацијата на Барак Обама изложи поинаков поглед. Официјални лица од САД велат дека заканите доаѓаат од иранско оружје со кус и среден дострел. Во септември 2009-та, претседателот Обама го откажа планот на Буш и се заложи за „поприфатлив пристап“.

Новиот предлог вклучува распоредување на пресретнувачи на проектили од типот СМ-3 во Полска до 2015-та и во Романија до 2018-та. Аналитичарите велат дека проектилите од типот на СМ-3 веќе се наоѓаат на воените бродови на САД, со што на планот на Обама му даваат поголема флексибилност од оној на претходникот Буш.

Експерти велат дека официјални лица од Чешката република минатиот месец негативно реагирале на планот на Обама со оглед дека биле подготвени за изградба на радарска постројка на нивна територија, уште со планот на Буш.

Дарил Кимбал е шеф на Асоцијацијата за контрола на вооружувањето, приватна истражувачка компанија:

„Кога актуелната администрација ги изложи плановите за распоредување на системот, тоа значеше дека главниот радар нема да се гради во Чешка. Наместо тоа, администрацијата на Обама предложи помала улога за Чешка и како одговор на тоа, чешки пратеници изразија разочараност и сметаа дека им е понудена утешна награда“, вели Кимбал.

Марко Папиќ, аналитичар од Стратфор, приватна разузнавачка фирма, вака тоа го опиша:

„Со новиот план, Чешка ќе добие буквално комјутерска соба, чии финансирање би чинело околу два милиони долари, наместо гигатскиот радарски систем кој чини околу 100 милиони долари. Прага одлучи дека тоа не е доволно за справување на негодувањето во јавноста и се повлече“, вели Папиќ.

Папиќ вели дека САД им фрлиле само коска на официјални лица од Чешка. Објаснува зошто:

„Се работи за систем за рано предупредување. Нема никаква причина, од технолошки аспект, или поради било кое образложение, да биде лоциран надвор од територијата на САД. Може да биде сместен и во Пентагон“, вели Папиќ.

Русија постојано се противи на американските планови за распоредување противракетен штит во Европа. Москва не верува дека целта е одбрана од напади со проектили од држави како Иран. Руски официјални лица велат дека целта е насочена кон Москва, обвинувања што САД ги негираат.

Многу експерти, вклучувајќи го Дерил Кимбал од Асоцијацијата за контрола на вооружувањето, велат дека одлуката на Чешка за повлекување од планот на Обама е неодговорен потег. Тие велат дека распоредувањето на компоненти од одбранбен систем не е прашање за престиж, туку од неопходност – да се осигура дека суверени држави соодветно се бранети од потенцијални напади со проектили од непријателски режими.

XS
SM
MD
LG