Линкови за пристапност

Унгарски полицајци помагаат со бегалците во Македонија


Зајакнува меѓународното полициско присуство во Гевгелија

По барање од Македонија, унгарската Влада испрати 31 полицаец на македонско-грчката граница, како помош на македонските полицајци кои со месеци се справуваат со бегалската криза.

Од денес, во следните 30 дена, полицајците од Унгарија ќе бидат распоредени околу Котата 59, по должина на гранична линија, заедно со припадниците на македонската полиција, и со нивните колеги од безбедносните сили од Србија и Хрватска, кои веќе две недели патролираат на границата со Грција. Од денес, и Унгарците се дел од меѓународните полициски сили кои го контролираат влезот на бегалци што секојдневно транзитираат низ Македонија, во насоката југ – север. Дел од македонските медиуми објавија и дека новодојдените унгарски полицајци поседуваат и теренски, термовизиски камери (топлотни камери кои регистрираат движења) за лоцирање на нелегални мигранти.

И покрај селектирањето на лицата кои сакаат преку Македонија да стасаат до некои од земјите во Западна Европа, кое сега го спроведува и Грција, пропуштајќи само бегалци од воените подрачја - Ирак, Авганистан и Сирија, а враќајќи ги назад како екононмски мигранти, државјаните од другите држави, сепак, еден дел од нив, успеваат илегално да ја преминат грчко-македонската граница. И тие, и покрај намалениот интерес на медиумите, можат да се забележат во пограничните села и на рутата кон северната граница.

Повремено, проблем создаваат и таксистите, кои три пати во последните 20 денови, ја блокираа пругата, незадоволни од неучествувањето во превозот на бегалците до северната граница и барајќи средба со министрите за транспорт и врски и за внатрешни работи, па и со премиерот.

Иако малку стивнатиот бегалски бран веќе не е топ-тема во македонските медиуми, на македонско – грчката граница и во новата година, бројот на лицата кои влегуваат во Македонија е висок. За само два дена, речиси седум илјади бегалци од Сирија, Авганистан и Ирак биле евидентирани за влез во Прифатниот камп кај Гевгелија. УНХЦР, македонскиот Црвен крст и невладините организации и понатаму секојдневно се грижат за бегалците, за кои најголеми проблеми се ниските температури и неизвесноста.

Во периодот од први до 5 јануари, издадени се потврди на вкупно 11.766 странски државјани, кои транзитирале низ Македонија, а од 19 јуни 2015 кога македонското МВР почна да издава потврди, до крајот на годината, низ Македонија поминале над 388.000 бегалци и мигранти, од кои - над 216.000 се од Сирија, а само 86 бегалци и мигранти побарале азил во Македонија.

XS
SM
MD
LG