Линкови за пристапност

Македонските власти и експертската јавност ја поддржуваат одлуката на САД за санкции против Мирослав Додик


Северна Македонија покажа силна одлучност и отвореност за соработка со меѓународните партнери во сузбивањето на корупцијата и криминалот, напиша на својот ФБ профил, Љупчо Николовски, вицепремиер за борба против корупција.

Властите во Северна Македонија, ја поддржуваат одлуката на САД, односно на Министерството за финансии, за воведување на економски санкции, против лидерот на босанските Срби и член на претседателството на Босна и Херцеговина, Милорад Додик.

Северна Македонија покажа силна одлучност и отвореност за соработка со меѓународните партнери во сузбивањето на корупцијата и криминалот, напиша на својот ФБ профил, Љупчо Николовски, вицепремиер за борба против корупција.

Во тој контекст, даваме поддршка на нашиот стратешки партнер Соединетите Американски Држави за чекорите кои ги презема за борба против корупцијата и добро владеење во Западен Балкан.
Николовски, вицепремиер за корупција


„Во тој контекст, даваме поддршка на нашиот стратешки партнер Соединетите Американски Држави за чекорите кои ги презема за борба против корупцијата и добро владеење во Западен Балкан. Одлучните антикорупциски чекори се охрабрување за земјите од регионот да ги продолжат реформите и бескомпромисната борба против корупцијата и криминалот. Ние, земјите од Западен Балкан, имаме една заедничка цел, а тоа е преку спроведување на неопходни реформи и комплетно прифаќање на демократските вредности и владеењето на правото, да бидеме дел од европското семејство“, напиша Николовски.

Поддршка стигна и од министерот за надворешни работи, Бујар Османи.

Ја поздравуваме одлуката на Министерството за финансии на САД во врска со континуираните закани за стабилноста и територијалниот интегритет на БиХ.
Османи, министер за надворешни работи


„Ја поздравуваме одлуката на Министерството за финансии на САД во врска со континуираните закани за стабилноста и територијалниот интегритет на БиХ. Северна Македонија го поддржува суверенитетот и територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина и го осудува секој чин што ја поткопува нејзината стабилност и евроатлантската иднина, напиша Османи, на својот Твитер профил.

И експертската јавност, смета дека чекорот на САД, за воведување на санкции е повеќе од потребен во државите од Западен Балкан.

Одлуката е важен чекор во борбата против организираниот криминал на Западен Балкан, вели универзитетскиот професор по безбедност, Марјан Ѓуровски.

САД потврдуваат дека Западниот Балкан е еден од приоритетите на надворешната политика на официјален Вашингтон. На македонските политички кругови им беше пратено официјално порака дека ќе може да се најдат на списокот за санкции доколку не го прифатат и почитуваат Преспанскиот и Рамковниот договор
Ѓуровски, професор


„Уништувањето на транснационалните криминални мрежи допринесува до безбедност, стабилност и унапредување на владеењето на правото во целиот регион. САД во целост се посветени на постигнување на оваа заедничка цел. САД потврдуваат дека Западниот Балкан е еден од приоритетите на надворешната политика на официјален Вашингтон. На македонските политички кругови им беше пратено официјално порака дека ќе може да се најдат на списокот за санкции доколку не го прифатат и почитуваат Преспанскиот и Рамковниот договор“, вели Ѓуровски.

Ѓуровски на одлуката на САД, гледа како на силна порака до сите политички елити во регионот.

„Одлуката на САД за Милорад Додиќ е жолт картон за сите политички елити и кругови на Балканот вклучително и кај нас кои се обидуваат да јаваат на национализмот, играјќи топло- ладно со Преспанскиот договор и воопшто не покажувајќи резултати во борбата против корупцијата и криминалот“, додава Ѓуровски.

За универзитетската професорка, Фросина Ременски, санкциите кон Додик од страна на администрацијата на Бајден не се неочекувани.

Стратешки интерес на САД е да го санкционира екстремниот национализам насочен кон загрозување на стабилноста на Балканот и меѓународните договори.
Ременски, професорка


„Стратешки интерес на САД е да го санкционира екстремниот национализам насочен кон загрозување на стабилноста на Балканот и меѓународните договори. Очекувам проширување на санкциите и за други политичари на Балканот. Тоа секако носи и ризик од зацврстување на веќе присутните источни влијанија на Балканот“, вели Ременски.

Според неа „проширување на санкциите кон корумпираните политичари од САД ќе биде полезна само ако се посочат и процесуираат случаите кои се означени како коруптивни“.

Инаку во согласност со Извршната уредба 14033, на 5-ти јануари, оваа година, Канцеларијата за контрола на имотот во странство при американскиот Оддел за финансии воведе санкции за Додик, како и за Алтернативната телевизија од Бања Лука, која била под негова контрола.

„Ова е одговор на коруптивните активности на Додик и постојаната закана по стабилноста и територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина“, стои во соопштението на Одделот за финансии во САД.

Додик се обвинува дека на овој начин се обидува, да го демонтира, не само Дејтонскиот мировен договор, поттикнат од личен интерес, туку дека со тоа може да ја загрози стабилноста и на целиот регион.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG