Линкови за пристапност

Катрина Марков: Бизнис со вкус на чоколадо


Интервју: Катрина Марков - Бизнис со вкус на чоколадо
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:05 0:00

На неодамнешната гала-вечера во Чикаго во организација на ОМД, оваа бизнисменка беше наградена за исклучителен успех во полето на бизнисот со нејзината компанија за производство на чоколади и слатки

Амбициозната Катрина Марков е креаторка и основачка на компанијата за чоколади и слатки Вошоу во Чикаго. Горда е на своите македонски корени. Растела во Форт Вејн, Индијана. Ја прашавме, кој дел од македонскиот ген во неа, и` помага да биде успешна?

„Мислам дека тоа што ме направи многу отпорна е дека сум видела многу Македонци коишто макотрпно се ангажирани, имаат по неколку работи истовремено, но имаат и големи соништа. Да имаш свој бизнис и да работиш макотрпно – тоа е македонски!“, вели Марков.

Нејзината компанија годишно остварува обрт од 35 милиони долари. Но тоа не е нејзината граница.

„Јас сум личност која размислува надвор од замислената рамка. Иновативноста е сржта на успехот во мојот бизнис. Важен е и тајмингот кога се претставува некој производ, но и ризикот што се презема од деловен аспект. Тоа е важно за да расте бизнисот“, вели оваа бизнисменка.

Почнала со мала продавница за чоколади во предградие на Чикаго. Денес ги има во сите делови на САД.

„Мислам дека направивме голем исчекор кога отворивме продавница во Њујорк. Медиумите посветија големо внимание на нашите уникатни слатки, и од тој момент нагло почнавме да се шириме низ САД“, заклучува таа.

Во моментов, Катрина вели дека разгледуваат можности за ширење на бизнисот во Лондон и во Дубаи, но не ја исклучува ниту Македонија, како идеална локација за европскиот пазар, каде би можело да се префрли дел од производството.

Ја прашавме, која состојка не оди во чоколадо? Како од пушка - одговара:

„Ким. Ким не одговара. Тоа е еден од моите омилен зачини, но не и со чоколадо“, додава таа.

А на нашето прашање за тоа колку е отворена за експериментирање надвор од традиционалните вкусови, Марков одговори:

„Кориандер и кајсија. За мене, одат заедно. Кориандерот носи свежина во вкусот“, коментира Марков.

Таа не се смета себеси за кулинар, но вели дека во чоколадото наоѓа простор за изразување.

„Сфатив дека чоколадото е мојот медиум преку кој ја раскажувам својата приказна уште од 1997-ма. По завршувањето на студиите, патував низ светот и сфатив дека преку чоколадото можам најмногу да се изразам од благо до киселкасто, во секаква форма“, резонира Марков.

Вели, не јаде обични чоколади од продавница. Сакавме да ја испровоцираме. Ја прашавме - како популарните Херши, на пример?

„Не. Не ги сакав тие чоколади ниту како дете. Подоцна, открив дека има подобри вкусови од тие што се нудат во супермаркетите“, се присетува оваа бизнисменка од Чикаго.

Наградата од Обединетата македонска дијаспора за неа лично е признание за скромноста и трудољубивоста, што ја наследила од нејзиното македонско семејство кое емигрирало во САД за подобар живот, пред повеќе од половина век.

XS
SM
MD
LG