Командантите на израелската армија изработија предлог-план за Газа и планираат да го достават до највисокиот армиски врв уште денеска, потврди израелското министерство за одбрана.
Портпаролот Хидаи Зимберман за локалните медиуми изјави дека подготовките за евентуална копнена акција се во тек. Веќе се распоредени војници, тенкови, оклопни возила долж границата со Газа.
Одлуката за инвазија врз Газа, која е под контрола на исламистичката група Хамас, треба да ја донесе израелската влада. Ако се случи тоа, ќе биде прва воена операција на територијата на Газа од 2014-та.
Во меѓувреме продолжува размената на проектили меѓу палестинските борци на Хамас и израелската армија. Доцна синоќа, имаше насилни нереди во повеќе израелски градови, со над 400 приведени.
Досега загинаа 83 лица во Газа, вклучувајќи и 17 деца, според министерството за здравство на Хамас. Палестинското министерство за здравство потврди дека 487 лица се повредени.
Седум Израелци загинаа, вклучувајќи и шестгодишно момче, објавија израелските власти.
Предводени од американскиот претседател Џо Бајден, неколку странски лидери се обидуваат да ги убедат двете страни за намалување на ескалацијата на конфликтот.
Facebook Forum