Најмалку 40 лица во Појасот Газа и Ерусалим се убиени во борбите меѓу Хамас и израелските безбедносни сили кои ескалираа денес.
Израел во средата рано наутро започна нова рунда воздушни напади врз Газа, насочени кон полициските и безбедносните инсталации. Станбена и деловна зграда била сериозно оштетена од нападите. Во моментот на воздушните напади никој не бил во зградата.
Во претходните воздушни напади во вторникот беше уништена повеќекатна станбена зграда во која имало и неколку канцеларии на Хамас. Жителите во зградата и околината биле предупредени да се евакуираат пред зградата да биде уништена.
Во воздушните напади, за кои израелските воени сили велат дека биле насочени на лансирните ракетни станици, разузнавачки канцеларии и домови на лидерите на Хамас, убиле 35 лица во Газа, од кои 10 деца, според Министерството за здравство на Газа, а други 200 лица се повредени.
Во меѓувреме, петмина Израелци се убиени во ракетните напади на Хамас во вторникот и рано во средата, вклучувајќи и две лица во градот Ашкелон. Хамас од понеделникот испука стотици ракети кон израелскиот град Тел Авив и неговите предградија, вклучувајќи и 130 ракети доцна во вторникот.
Портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки, во вторникот изјави дека САД ги осудуваат ракетните напади од Хамас и други терористички групи и рече дека „поддршката на претседателот Џо Бајден за безбедноста на Израел, за неговото легитимно право да се брани себе си и својот народ, е од фундаментално значење“.
Таа додаде дека сегашната администрација поддржува решение на двете држави за деценискиот конфликт.
„Ние веруваме дека Палестинците и Израелците заслужуваат еднакви мерки на слобода, безбедност, достоинство и просперитет, а американските власти во последните неколку недели искрено разговараа со израелските власти за тоа како иселувањето на палестинските семејства кои живееле со години, понекогаш со децении, во своите домови и како уривањето на овие домови е спротивно на нашите заеднички интереси и постигнување решение за конфликтот “, рече таа.
Советот за безбедност на ОН планира да одржи итен состанок зад затворени врати денес за да разговара за ситуацијата. Извори велат дека САД ги одложуваат напорите на Советот да издадат официјално соопштение за заострените борби од загриженост што може да им наштети на задкулисните напори да се стави крај на насилството.
Facebook Forum