Линкови за пристапност

Ирак и коалицијата против ИД разговараат за стратегијата


Доверба, но и барање за дополнителна опрема и обука

Виши претставници на Франција, Ирак и САД имаат доверба во коалицијата против Исламската држава (ИД), но подвлекуваат дека е потребна дополнителна опрема и обука за јакнење на офанзивата.

На средбата во Париз, посветена на напорите за растурање и уништување на ИД, како и за запирање на нејзиното финансирање, коишто траат веќе со месеци, заменик-државниот секретар Антони Блинкен кажа дека коалицијата остварила напредок во Ирак, но и дека имало пропусти на бојното поле.

На прес-конференцијата со ирачкиот премиер Хајдер ал-Абади и францускиот миистер за надворешни работи Лорен Фабиус, Блинкен се фокусираше на ситуацијата во Ирак и само накусо ја спомена потребата од политичка стабилност во Сирија, вториот фронт против ИД.

„Во моментов во Ирак имаме соодветна стратегија: комбинација на воздушни напади, обука, помош и ефективни локални партнери. Тоа е стратегија за победа“, рече Блинкен.

Непосредно пред средбата во Париз, Ал-Абади кажа дека провладините сили не добиваат доволно поддршка од коалицијата. Абади рече дека се потребни повеќе разузнавачки информации, како и дека не паѓа бројот на странски борци коишто се уфрлаат во Ирак, и покрај целта на коалицијата да ги спречи да се приклучат на ИД.

Коалицијата не пружа копнени сили, туку ги поддржува провладините сили со воздушни напади. Од почетокот на август минатата година, коалицијата извршила преку 4.200 воздушни напади во Ирак и Сирија, според податоците на Пентагон. Само во текот на минатата ноќ, биле извршени пет воздушни напади во Сирија и 10 во Ирак.

Средбата во Париз доаѓа две недели откако ИД го зазеде Рамади, главниот град на провинцијата Анбар, 125 километри западно од Багдад. Тоа беше причина Ал-Абади да ги повика провладините милиции да се приклучат на контраофанзивата којашто започна минатата недела.

Државниот секретар Џон Кери учествуваше преку телефонска врска на средбата во Париз. Откако ја скрши ногата во велосипедска несреќа во Франција, Кери мораше да се врати во болница во САД. Тој кажа дека поразот на ирачките сили во Рамади и нивното повлекување пред налетот на силите на ИД е причината за американската пратка на антитенковски ракети како средство против возилата коишто се користат за нападите на бомбаши-самоубијци.

„Исламската држава е упорен и крајно суров противник којшто има слабости може да се победи. Од почетокот знаевме дека ова ќе биде тешка, повеќегодишна кампања. Да нема забуна; она што се случи во Рамади беше чекор назад, но можеме да им помогнеме на Ирачаните тоа да го надминат“, порача Кери.

Милитанти на ИД вчера усмериле тенк наполнет со експлозиви во ирачка полициска база во Самара, северозападно од Багдад и северно од Рамади. Во самоубиствениот напад, којшто предизвикал секундарна експлозија во депото за муниција во базата, загинале 37 лица, а десетици биле повредени, соопштија ирачки безбедносни лица.

XS
SM
MD
LG