Линкови за пристапност

Ал-Каида во Јемен презеде одговорност за нападот во Шарли ебдо


Тврди дека го планирала и финансирала нападот како „чин на одмазда“ за пророкот Мухамед

Одделот на Ал-Каида во Јемен официјално презеде одговорност за минатонеделниот напад во редакцијата на сатиричниот магазин Шарли ебдо, тврдејќи дека се работи за „чин на одмазда“ за пророкот Мухамед.

Магазинот редовно објавува антиверски содржини и во неколку наврати објави карикатури коишто го прикажуваат пророкот Мухамед, нешто што многумина муслимани го сметаат за богохулие. На насловната страница на денешното издание, прво во продажба по нападот, се наоѓа карикатура на пророкот Мухамед со солза во едното око. Тој држи знак на којшто пишува: „Јас сум Шарли“. Карикатурата е проследена со текст: „Се` е простено“.

Во видео-снимка објавена денеска, лице идентификувано како Наср ал-Анси, главниот водач на Ал-Каида на Арапскиот Полуостров, вели дека организацијата го планирала и финансирала нападот во Шарли ебдо во којшто беа убиени 12 лица. Напаѓачите, браќата Саид и Шериф Куачи, загинаа петокот во престрелка со француската полиција, истиот ден кога друг исламски милитант, Амеди Кулибали, зазеде супермарктет во источниот дел на Париз и уби четири заложници, пред да биде елиминиран од полицијата. Ден претходно, Кулибали уби полицајка во Париз. Ал-Анси вели дека Кулибали не дејствувал во рамки на организацијата и дека неговите постапки се коинциденција.

Францускиот комичар Диедоне денес беше уапсен за одбрана на тероризмот, откако на социјалните медиуми објави порака што навидум ги поддржува напаѓачите од минатата недела. Диедоне во минатото го привлече вниманието со тоа што често се изјаснуваше „без влакно на јазикот“, а најповеќе со тоа што популаризираше поздрав со раката којшто некои го сметаат за антисемитски, затоа што наликува на нацистичкиот поздрав.

Најновото издание на Шарли ебдо беше испечатено во неколку милиони примероци, што е голем скок од вообичаениот тираж од 60.000.

XS
SM
MD
LG