Професорот по право Едвард Гафни на Универзитетот Валпареисо од сојузната држава Индијана е режисер, сценарист и продуцент на документарниот филм „Empty Boxcars“ или, во слободен превод, „Празни вагони“.
„Празни вагони“ - е термин кој го користеле нацистите за вагоните кои пристигнувале во Берлин откако ќе ги транспортирале Евреите до злогласните концентрациони кампови.
Гафни бил во Македонија 10-тина пати за истражување и снимање на филмот. Ја раскажува трагичната приказна на прогонот на македонските Евреи од страна на бугарскиот окупатор во Втората светска војна. Ни кажа дека му требало многу време да пронајде потомци на неколкумина преживеани Евреи од територијата на тогашна Македонија.
„Важната порака од филмот е дека кога му е потребна помош на соседот, тогаш е време за одлучна реакција. Луѓе од разни слоеви на општеството - мајстори, водоводџии, религиозни водачи, синдикалци, интелектуалци го кренале гласот и храбро протестирале против бруталната акција за убивање на луѓе, само затоа што се Евреи“, вели Гафни.
Филмот е сниман во Битола. Тоа е најавтентична локација за погромот на Евреите во 1943-та, вели овој американски режисер. Потсетува дека еврејските синагоги во овој град во Македонија биле претворени во кланици за свињи, откако бугарскиот окупатор ги транспортирал речиси сите Евреи до логорот Треблинка.
Имате чувство за нивно отсуство од градот, раскажува Гафни.
„Секоја година на комеморацијата на нивниот прогон, сите жители од Градот на конзулите се сеќаваат на луѓето кои недостигаат во нивите животи“, вели овој режисер.
Филмот е финансиран со средства кои самиот ги собрал од луѓе кои сакале да се овековечат настаните за погромот на Евреите во Македонија. Тој потенцира дека не сакал помош од македонската и бугарската влада, затоа што, според него, би влијаеле на објективноста на приказната.
„Сакав филм со приватни средства согласно меѓународното право, за да ја раскаже вистинската приказна за масовните убиства на еврејската заедница во Македонија. Ова е приказна за животот и смртта“, додава режисерот.
За филмот вели дека има порака која треба да го обедините човештвото, независно од расата, потеклото, и верската определеност.
„Никогаш да не се заборават историски настани, за за никогаш повторно да не се случат. Независно дали станува збор за Руанда, или Сирија – кога некој е во опасност, тогаш е моментот да се пружи рака. Да се помогне. Да се спаси“, нагласува режисерот Едвард Гафни.