Разговорот го почнавме со прашањето - што е според него добар филм? Милчо Манчевски за Гласот на Америка вака одговори:
„Во голема мерка е прашање на вкус, а важно е да те возбудува. Тука нема формула. Важно е да има големо срце. Важно е филмот да ме изненадува. Она што се случува, како се развива, да ме радува. Поважни се неочекуваните чувства отколку приказната. Лично ме интересира филм кој е иновативен, безобразен, како во формата така и во содржината, и тоа е она со што сакам да си го исполнувам животот. Животот е прекраток за лоши филмови и повторувања“, вели Манчевски.
„Уметност не се прави за награди“, додава тој, „ниту за публика, и вистинскиот уметник треба да има дијалог со делото“, објаснувајќи процесот како „мало религиозно искуство“.
Запрашан за освоените бројни награди и признанија тој само кажа „убаво е чувството кога некој го почитува тоа што го работиш, и тоа се манифестира во награда“, но вели дека во ниту еден момент не се надевал на награди ниту пак калкулирал со нив.
Што стои зад секој негов успех - работа, знаење или упорност, одење против текот, или нешто друго? Милчо коментира:
„Многу често со глава во ѕид. И понекогаш ќе попушти ѕидот, зашто попаметниот попушта. Мислам дека треба безобразна верба. Искрена, наивна. Зборувам за уметноста“, додава режисерот.
Манчевски вели дека денес со Интернетот и дигитализијата, секој може да сними филм. Тоа е придобивка од модерната кинематографија. Очекува начинот на либерализација да се промени, очекувада се случи револуција како во музичката и издавачката индустрија. Засега, филмската индустрија заостанува, коментира Манчевски.
Го прашавме режисерот колку филмот има моќ да влијае врз публиката и да ја промени нејзината перцепција за нештата.
„Јас не верувам во чудотворната моќ на филмот, да промени работи во секојдневниот живот. Треба поинаку да се гледа. Не што филмот менува во животот туку што тој ми значи сам по себе. Јас ако добијам парче убавина, се дружам со таа убавина и поради тоа сум насмеан, потопол човек, тоа е многу поважно отколку да ми го промени мислењето за некој политички став, на пример“, заклучува тој.
За 2016-та подготвува изложба на фотографии, издавање на книга и ќе продолжи да работи на неколку филмски проекти, затоа што во Македонија е, како што вели, на црна листа.
Често е на релација Скопје – Њујорк последните 20 години. Не може без Дебар Маало, вели овој натурализиран Њујоркчанец.
„И Дебар Маало и Македонија се дел од мене, како што се Ист Вилиџ и Њујорк. Немам потреба, доколку можеш, да си го ускратувам едното на сметка на другото. Мислам дека човек треба да го прифати тоа што е и секогаш да се стреми да биде подобар, потопол човек. Убаво ми е кога сум во Македонија, да се видам со некои луѓе да го слушнам и зборувам јазикот. За жал, има и чувствувам огромна негативна енергија и професионално лошо работење, но тоа е животот и ќе се обидеш да го прифатиш позитивното од`секаде каде што ќе се најдеш“, додава македонскиот режисер.