Таканаречените економски мигранти се очајни. Немаат каде. Не им се дозволува да заминат кон земјите од Европската унија. Предничат бегалци од Непал, но ги има и од Иран, Либан, Конго, и од Еритреја. Напнатоста е честопати присутна. Понекогаш ескалира - објаснува Марк Јарнел од невладината организација Refugees International, кој во моментов се наоѓа во Грција. Тој честопати е на границата меѓу бегалците. Преку Скајп за Гласот на Америка на македонски се осврна за ваквата состојба.
„Кога зборуваме со нив, иако границата за нив се` уште затворена, тие се надеваат дека утре ќе заминат до посакуваната дестинација. Не сакаат да ја напуштат границата, затоа што не сакаат да ја пропуштат можноста, ако ситуација се смени следниот ден“, вели Јарнел.
Според него, ниту жичаната ограда, ниту строгата контрола од безбедносните сили долж граничната линија нема да ги одврати да го продолжат патешествието до подобар живот во богатите земји во Европа.
„Тие ќе продолжат независно дали ќе добијат дозвола да минат. Опасноста е што на мигрантите кои што нема да им се дозволи на минат низ Македонија со помош на криумчарите со луѓе, ќе пронајдат маршрута преку Албанија и други земји. Европската комисија, земјите од ЕУ, УНЦХР, треба да сфатат дека тие ќе продолжат да се движат, и подобро е тоа да се регулира преку безбедносни пунктови и контроли, наместо да бидат принудени да бараат алтернативни решенија“, коментира овој познавач на состојбите со бегалците на грчко-македонската граница.
Портпаролот на УНХЦР во канцеларијата во Вашингтон Брајан Хансфорд за Гласот на Америка вели дека ова е проблем кој бара обединет одговор од сите – од балканските земји и од ЕУ:
„Никој не избира да биде бегалец. Потребни се повеќе прифатни центри на границата, со цел да може да се направи детална проверка на нивниот идентитет и да утврди дали се бегалци или економски мигранти и потоа треба да се носат одлуки. Ако се докаже дека се економски мигранти, треба да се вратат во нивните земји на достоинствен начин“, оцени Хансфорд.
Мигрантите ја блокираат и меѓународната железничка пруга, при што и македонската и грчката железница, трпат големи загуби.